Поранешниот шампион на Вимблдон и директор на ATP турнирот во Ротердам, Ричард Крајичек, изјави дека Роџер Федерер е најголемиот тенисер во историјата, но дека Новак Ѓоковиќ е најдобриот, пренесува српски Спорт Клуб, повикувајќи се на интервјуто на холандската легенда за „Bolavip“.
Крајичек нагласи дека постои суштинска разлика меѓу тоа да се биде „најголем“ и „најдобар“ во историјата на тенисот.
– За мене не се работи само за бројките. Постои голема разлика меѓу тоа да се биде најголем и најдобар во историјата. Да се биде најголем значи да се има поголемо значење за играта, да се донесе нешто дополнително што ја менува популарноста и влијанието на тенисот – изјави Крајичек.
Според него, токму поради влијанието врз глобалната популарност на спортот, Федерер го заслужува епитетот „најголем“.
– Затоа, за мене најголемиот тенисер на сите времиња е Роџер Федерер. Она што тој го направи за тенисот и неговата популарност зборува само за себе. Но кога станува збор за најдобриот во историјата, тогаш тоа е Новак Ѓоковиќ. Без никаква дилема, мислам дека дебатата е сосема јасна – додаде Холанѓанецот.
Крајичек се осврна и на иднината на тенисот, посочувајќи дека младите ѕвезди Карлос Алкараз и Јаник Синер имаат потенцијал да ги достигнат рекордите на Ѓоковиќ, но дека нивната долгорочна конзистентност ќе биде клучна.
Тој нагласи дека токму долговечноста на врвно ниво е она што ја прави „големата тројка“ – Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Федерер – уникатна во историјата на тенисот, бидејќи успеале да останат доминантни повеќе од 15 години.
Воедно, Крајичек го пофали Алкараз за неговиот напредок и способност постојано да го подобрува својот тенис, оценувајќи дека ривалството меѓу новата генерација потсетува на легендарната ера на „големата тројка“.





