Македонската велосипедистка објави дека Македонија за првпат настапила на Светски куп во планински велосипедизам, оценувајќи дека трката на Коста Бланка била повеќе од спортски настан – „концерт“ исполнет со интензитет, прецизност и издржливост.
„Македонија на Светски куп. Прв пат. Коста Бланка не беше трка. Беше концерт“, напиша Иванова, споредувајќи ја патеката со сцена како „Palau de la Música Catalana“, а возењето со изведба на „La Campanella“ во бескраен луп – брзо, прецизно и немилосрдно. Таа опиша патека без пауза, со „пеколен ритам“, дефекти, карпи, дропови и кривини кои не простуваат грешки.
Иванова истакна дека искуството ја научило дека издржливоста и ранливоста одат заедно, додавајќи дека силата не е во тоа да не боли, туку да се продолжи и кога боли. „Учењето од најдобрите не е лекција на табла, туку борба рамо до рамо на секој камен, секое брдо, секој пеколен спуст“, наведува таа во објава на социјалните мрежи.
Велосипедистката нагласи дека зад секоја „соло изведба“ стои тим кој ја поддржува – од тренери и техничка поддршка, до спонзори и луѓе кои, како што вели, „те чекаат исти, убави, насмеани“.
Сезоната, како што посочува, започнала интензивно, со пласман и нови бодови на Светската УЦИ ранг листа, во рамки на тимот Energi Cycling.
„Only those who walk through the fire understand the heat, and that’s where we push the limits of what we once thought was impossible“, напиша Иванова, најавувајќи дека продолжува уште посилно „за сите нас“.
Ј. Ѓ.
Фото: Дуња Иванова







