СДСМ со соопштение упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за блискост со српскиот претседател Александар Вучиќ и за, како што наведуваат, имитирање на неговиот политички стил.
„Толку е големо влијанието на СНС врз сестринската ВМРО што имаме чувство дека Вучиќ е претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата тврдат дека Мицкоски „го имитира Вучиќ“ во јавните настапи, посочувајќи дека често го користи изразот „Ad hominem“, како и други латински термини.
„Професоре, додајте и ‘De facto’ и ‘De jure’. Тој тоа, како и вие професоре, го користи во речиси секој настап“, стои во соопштението.
СДСМ упатува и критики за стилот и имиџот на премиерот, наведувајќи дека „нема ништо поевтино од неколку илјади евра од тоа што го носите на вас“, додавајќи дека „единствено што е ваш личен печат се скапите часовници од 60 илјади евра“.
Во реакцијата се споменува и набавката на авион, при што од СДСМ велат: „Со авионот не успеавте сè уште, како што успеа Вучиќ. Тој го купи, а вие чекате. Знаеме дека парите не сте ги тргнале од буџетот и дека лизингот ќе го објаснувате со болки во колената“.
Партијата обвинува и дека Мицкоски „ја чува фотелјата за Груевски“ и дека води кампања против потенцијални внатрепартиски конкуренти.
„Често има некои чувства, па се прашуваме дали има чувство дека народот сè ова го гледа и дека повеќе не поминуваат финти со Дубаи, Харис Џиновиќ…“, се додава во текстот.
Во соопштението се поставува и прашањето за Душан Адамовиќ, кого СДСМ го опишува како „почесен конзул на Македонија во Србија“ и „почесен гостин на прослави и конгреси на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Бидејќи за прорускиот Симо-Шешељ од својот фото-албум не сака да одговори, дали ќе нè извести кој е Душан Адамовиќ?“, прашуваат од СДСМ.







