Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска преку соопштение до јавноста упати сериозни обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачкото мнозинство, поврзувајќи ги со наводна криминална спрега со унгарската компанија 4iG. Од СДСМ тврдат дека додека во Унгарија започнува истрага за огромниот договор на тамошната влада со оваа компанија, во Македонија Мицкоски молчи за неговите врски со истата.
Опозициската партија потсети на посетата на премиерот на Давос, каде, според СДСМ, тој имал само еден официјално пријавен состанок – токму со претставници на 4iG. Дополнително, од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски имал уште еден непријавен состанок во Давос, поврзан со мигранти, односно економски работници.
„Се сеќавате ли дека 4iG купија лиценца за четврт оператор на мобилна телефонија? 4iG имаше задача да обезбеди платформа за поврзување на Орбановата медиумска мрежа во Македонија. Сè што СДСМ го зборуваше со месеци сега излегува на виделина“, се наведува во соопштението.
СДСМ во своето обраќање направи ретроспектива на, како што ги нарекуваат, „признанијата“ на највисоките државни функционери во однос на стратешките прашања на државата. Тие посочија дека Мицкоски веќе признал дека Преспанскиот договор е „ремек-дело на дипломатијата“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова признала дека јазикот, културата и македонскиот идентитет се апсолвирани, а министерот Тимчо Муцунски признал дека НАТО е „феноменална работа“.
Од партијата предвидуваат дека наскоро власта ќе мора да признае дека и внесувањето на малцинствата во Уставот е европско, а не бугарско прашање, и дека наскоро „пред правдата ќе признаат сè“.
На крајот на соопштението, СДСМ повторно побара од Владата итно да ги испрати документите за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија.
„Вистината излегува на виделина. Доаѓа времето на правдата и одговорноста. Реформи сега. Европа сега“, заклучуваат од СДСМ.













































































































