По повод јубилејот 70 години постоење, компанијата „Витаминка“ на Прилеп му подари нова музичка посвета насловена „Серенада за Прилеп“. Песната е заедничко дело на познатата пејачка Блага Петреска и музичкото дуо Дац и Александар Митевски.
Таа претставува топла, искрена и достоинствена приказна за градот под Марковите Кули. Исполнета со емоции, носталгија и љубов, „Серенада за Прилеп“ е замислена како музичка честитка, која ги оживува спомените за старата чаршија, тутунот, корзото и каменот што генерации прилепчани ги носат во себе.
Видеоспотот е снимен низ прилепската Стара чаршија и други препознатливи локации низ градот. Случајните средби со граѓаните му даваат посебна топлина на целиот проект. Еден од најемотивните сегменти во видеото е снимен во старото кино во Прилеп, каде како спомени се појавуваат значајни ликови кои преку своето дело и посветеност оставиле траен белег во меморијата на градот.
Музиката и аранжманот на песната се дело на Александар Митевски, текстот го потпишуваат Огнен Неделковски и Митевски, додека аудиопродукцијата е на Валентино Скендеровски. Во изведбата хармонично се преплетуваат романтичниот сензибилитет на Дац и Александар со препознатливиот и емотивен глас на Блага Петреска.
Авторите порачуваат дека во оваа песна има младост, љубов и гордост и дека го отсликува Прилеп токму онаков каков што го паметат генерациите.










































































































