Откако премиерот Зоран Заев повика јавно да се отвори дискусија за легализација на марихуаната, деновиве како да започна тој процес, неколку телевизии организираа емисии на темата, медиумите се почесто имаат написи за позитивните ефекти на канабисот во медицината и економијата, а следните месеци е очекувано оваа дебата да премине и во постручна со организирање конференции, настани и отворање простор за секој да може да го презентира својот став во врска со легализацијата на канабисот. Факт е дека потегот на Заев е револуционерен и повлекува негативни коментари, но во целина, обидот да се наметне темата, па и уште ако се легализира, е комплетно позитивен.
КОГА Е ЛЕГАЛНА, ПУШАЧИТЕ ПОМАЛКУ ЈА КОРИСТАТ, НО НЕ И ПАЦИЕНТИТЕ
Еден од аргументите е тоа дека со легализирање на марихуаната, покрај медицинската и рекреативната употреба, се намалува бројот на корисници на ова растение, но и значително влијае на намалување на користењето на потешки, хемиски дроги. Ако се следат научните истражувања, кои во последните неколку години, земаат се поголем замав, тогаш јасен е трендот на намалување на бројот на корисниците. На пример, во Канада и во американските држави Колорадо и Орегон, користењето на марихуаната во рекреативни цели се намалило за 50 отсто, особено кај младата популација.
За Европа има интересни податоци објавени како дел од медицинско истражување, дека во државите во кои не е легализирана марихуаната има повисок процент на корисници. Исланд предничи со речиси 20 отсто од граѓаните кои редовно конзумираат, потоа следи Франција со 12 отсто од популацијата, Шпанија и Италија (легализирана е медицинската употреба) со 10 проценти. Онаму каде што е легализирана, граѓаните не се толку заинтересирани за рекреација со џоинт, па истражувањето запишало дека во двете најлиберални држави, Холандија и Чешка, само шест отсто од жителите се изјасниле дека користат канабис во секојдневието.
За Северна Македонија не постои понова статистика или обемно истражување на пазарот за да се утврди колку македонските граѓани пушат марихуана, но сигурно во следните месеци ова ќе биде предизвик, пред се за граѓанските организации кои се занимаваат со темата, да спроведат помасовно истражување кое ќе оди во прилог на ставот на премиерот, но и на многумина во СДСМ, но и во други политички партии, научни и уметнички кругови, се до младата популација, за која е извесно дека користи марихуана. Неопходно ќе биде целиот процес да се одвива транспарентно затоа што многумина имаат што да кажат на темата и затоа што само така ќе биде исправно оти либералните сили во општеството кои ќе застанат зад идејата на премиерот за противник ќе ги имаат конзервативните ставови на партии, лекари, организации… и нема да биде лесно да се наметнат во јавноста позитивните ефекти од легализација на канабисот, пред се неговите лековити дејства, но и неговата моќ да внесува финансиски приливи во државната каса.
Голем број држави во медицината користат производи од канабис. Некаде има и по десетици лекови кои се на позитивната листа лекови. Од пред извесно време Аргентина одлучи медицинскиот канабис да биде бесплатен за пациентите на кои им е неопходен како лек. Широка е лепезата болести кои се лекуваат или се спречуваат со лекови од канабис и затоа постојано на пазарот се појавуваат нови производи наменети за медицината. Според една неодамнешна студија во Журналот на Американската медицинска асоцијација, употребата на канабис кај постари лица во САД постојано се зголемува. Станува збор за различни пациенти- од луѓе на 60-годишна возраст со бубрежна инсуфициенција кои повеќе не можат да земаат одредени лекови против болки, но сепак треба да се справат со хронична болка, до пациенти во 90-тите години од животот, кои имаат проблем со инсомнија, но и со сон и се несаканите ефекти на вообичаените лекови за спиење. Ова е само еден од медицинските аргументи на застапниците за легализација, а ги има многу. Сигурно дел од нив ќе се споменуваат во јавната дебата во периодот што следи. Одамна е научно потврдено дека помага кај сексуална дисфункција, анксиозност, артритис, повреди на мозокот, канцер, хронични болки, колитис, депресија, епилепсија, фибромијалгија, хепатит Ц, мигрена, болести на бубрезите, мултиплекс склероза, Паркинсонова болест, посттрауматски синдром, несоница…
КАНАБИСОТ Е БИЗНИС ОД 20 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ И ЌЕ ВРАБОТИ МИЛИОН РАБОТНИЦИ
Минатата година, 2019-та, бизнисот со канабис на светско ниво заврши со обрт од околу 20 милијарди долари. Според некои податоци во моментов има повеќе од 200 000 луѓе кои се вработени во канабис индустријата, а проекциите, со ваков тренд на порастот на употреба, се дека до 2025 година овој сектор ќе има милион вработени. Во еден напис објавен од организацијата ХОПС е наведено дека во САД рекреативната употреба е дозволена во 12 сојузни држави, производството на канабис за медицински цели е дозволено во 39 држави, а во 48 држави е дозволена продажбата на ЦБД- -производи, што значи дека само две сојузни држави во САД имаат забранета продажба и производство на производи од канабис. Ова ги става САД на прва позиција во светот, особено поради фактот што само нивниот пазар изнесува околу 13 милијарди долари. Во врска со одделните пазари на секоја сојузна држава посебно, важно е да се спомене фактот дека сè уште најдобри економски параметри можат да се забележат во државата Колорадо, државата пионер во процесот на легализација на рекреативната употреба каде што вкупниот промет за 2019 година достигна фантастични 1,75 милијарди долари. Оваа држава се соочува и со големи даночни приливи, па често имаат многу повеќе пари во буџетот од предвидените буџетски трошоци.
Втора на таа листа е Канада која целосно ја легализираше рекреативната и медицинската употреба на канабисот на целата своја територија во 2018 година. Официјални податоци за таа година велат дека Канаѓаните потрошиле околу 1,6 милијарди долари на легален канабис со проекции дека нивниот пазар во 2020 година би вредел околу 3,2 милијарди долари, а максималната вредност на овој пазар се проценува на осум милијарди долари и таа би се достигнала на крајот на оваа деценија.
Во Европа главни држави во бизнисот за рекретивна употреба на канабисот се Холандија, Португалија, Чешка, и тие учевствуваат во заработката на светско ниво со неколку милијарди евра. Иако споменавме дека процентот на корисници на марихуаната е намален, сепак во овие држави голем е профитот од туристите, односно угостителско- туристичкиот сектор е во постојан пораст. Ова е уште еден аргумент во полза на легализацијата во Северна Македонија, држава која ја посетуваат многу туристи, особено во летниот период. Но, целта на легализацијата е туризмот да опстојува цела година, но и да се зголеми бројот на посетители. Со тоа придобивки би имал и угостителскиот сектор.
Форбс има објавено едно истражување на пазарот од 2014 и 2015 година кога утврдиле дека марихуаната била за пет пати повеќе продавана во САД отколку најпопуларните бисквити Орео и шест пати повеќе од чипсот Принглс, или двата најпродавани производи заедно, кои патем ги купува цело население, не може да достигнат ниту половина од она што се продава како марихуана за медицинска и рекреативна намена, која ја користи помал процент од населението.
НЕ ПОСТОИ ДРЖАВА ВО СВЕТОТ СО НЕГАТИВНО ИСКУСТВО ОД ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА
Според информации пласирани низ медиумите во Северна Македонија, во индустријата за производство на канабис има инвестиции од 150 до 200 милиони евра, а вработени се околу 1 000 работници, со плати над 40 000 денари. Овие неколку бројки се уште еден аргумент за легализација. Милионските инвестиции се доказ за иднината на овој бизнис, но и за сериозноста во одржување квалитет на производството. Постојаното вработување на нови кадри во погоните исто така зборува за порастот на индустријата, а тоа што таму платите се многу повисоки од просечната плата покажува дека во бизнисот се вртат многу пари.
Колку македонските граѓани се подготвени да ја прифатат новата реалност за канабисот? Дали може поголем дел од нив да станат свесни за придобивките од легализација, и дали период од една година е доволен да се наметне легализацијата како исправна одлука со повеќестрани придобивки. Во моментов произведениот канабис се користи во македонската фармација за производство на масло. За да може реално да расте оваа индустрија неопходно е да се дозволи извоз на сувиот цвет од канабис низ Европа и светот. Тоа е едниот правец за развој, да можат македонските фирми да го извезуваат својот производ, кој според квалитетот е конкурентен на европските пазари. Така, прво би се зголемил бројот на фабрики во нашата држава, а потоа и извозот надвор, што пак ќе донесе финансиски приливи и на фирмите, но и на државата.
Понатаму, вториот правец е легализација на марихуаната за рекреативна употреба, а тоа значи на одредени места, локали, барови, плажи, скијачки центри и секаде онаму каде постои потенцијал за туризам, да може слободно да се конзумира, без тоа да преставува кривично дело. Не постои држава во светот која има негативно искуство со легализацијата, напротив, приливот во државните каси постојано расте, а канабисот го зазема заслуженото место во медицината. Ако поголемите и поразвиени држави само го унапредуваат бизнисот, и ако постојано инкасираат милијарди во домашните буџети, тогаш зошто Северна Македонија не би била пионер во регионот, еден секогаш мора да почне прв.
Придобивките се бројни. Споменавме дека ќе порасне бројот на лиценци за производство, тоа повлекува нови инвестиции во погони и голем број нови вработувања. Извозот на сувиот цвет подразбира дистрибуција низ Европа и светот, што повторно значи нови инвестиции во опрема, превозни средства, но и работници. Кај рекреативната употреба ќе се зголеми бројот на туристи во земјава, што значи поголем број барови, сместувачки капацитети, нови работни места во угостителско- туристичкиот сектор, а сето тоа значи повеќе пари и за сопствениците, и за работниците, и на крајот и за државата. За медицинските придобивки веќе е познато. И овие економски текови при развојот на индустријата со канабис се аргументи за легализација. Сублимирано, аргументите и фактите за лековитата билка се на страната на премиерот и застапниците за легализација, но останува потешкото- да се наметнат во јавноста.
Тим Фронтлајн