Хрватската актерка Дора Липовчан јавно проговори дека во детството доживеала страшна траума откако била силувана.
Бранот на потресни исповеди на јавните личности, кој започна во Србија, со случајот на угледната школа за глума на режисерот Мирослав Алексиќ, се прошири низ регионот.
Дора Липовчан на својот Фејсбук профил напиша дека била силувана долго пред да почне да се занимава со глума, во детството, додавајќи дека поради тоа не може да ја обвини својата професија за тоа што ѝ се случило.
„Во работата веројатно имав среќа никогаш да не станам мета на предаторите, можеби и поради тоа што таквото искуство го носев како крвава лузна од претходно, и што до тогаш веќе имав развиено одбранбени механизми кои ги тераа сите со такви намери јасно да се уверат дека со заби ќе им го откорнам гркланот ако некогаш стават рака на мене…“, напиша актерката.
Липовчан пишува дека уште во себе го носи гневот од траумата, и дека молчела 15 години пред да пријави во полиција.
„И не, не го затворија, беше предоцна и немаше доволно докази за на суд… но барем проговорив… оттогаш душата малку помалку ми крвави…“, пишува меѓу другото Дора Липовчан и додава дека се надева оти сите жртви „ќе излезат со конкретни имиња, за предаторите да се тргнат од нашите улици, од нашите школи и академии“…
На некои сè уште не им е јасно… Она што страда од силувањето е душата … Иако умот останува заробен во слики со децении, иако телото е засекогаш скршено од автоимуни болести, иако после тоа е проклето тешко да се даде срцето на некој, сè уште е можно да се зачува… Но, она што најмногу боли е душата… самата причина за сопственото постоење станува засекогаш сомнителна … затоа жртвите молчат, додаде таа.