Меѓународен ден на жената КСП Подиум Јадро оваа година го одбележува со осум дела од серијата “О“ на Јана Јакимовска.
„Дигитално, зашто иднината е дигитална.
Фотографирано, зашто во копи-пејст сегашноста старите вештини се непотребен луксуз.
Чкртано, зашто секој знае да чкрта.
Текстуално обременето, зашто живееме во време на меме-култура, снепчет и пурикура.
Автопортрет, зашто твојата приказна полесно се голта низ туѓо искривено лице.
Факти, зашто боговите треба да се замолчат еднаш засекогаш.
Хумор, зашто не постои тема што не смее да се исмее.
Оргазам, зашто она за што не зборуваме престанува да постои.“ за своето дело бели уметницата Јана Јакимовска.
Јана Јакимовска е родена 1981 во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Освен со сликање се занимава и со фотографија, интервенции во јавен простор, графички дизајн, илустрација, а од поскоро време и со перформанс. Голем дел од рецентното творештво ѝ се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во општеството. Имала 19 самостојни изложби. Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитет Гоце Делчев во Штип.
Настанот се реализира со поддршка на Јадро – Асоцијација на независната културна сцена преку проектот „Хибридна институција за хибридна култура“ финансиран од Гете Институт – Македонија.