Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за добрососедство и проширување, Оливер Вархеји, беа во еднодневна официјална посета на Скопје. Визитата на нашиот главен град, следи по престојот кај источниот сосед и средбите на високо ниво во Софија.
Португалија, која моментално претседава со Советот на Европската Унија, се впушти во дипломатска офанзива во последните мигови од своето претседателствување, со надеж за исчекор и конечно закажување на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Шефот на португалската дипломатија, придружуван со шефот за политиката за проширување на Унијата, ги размрдаа своите актовки и неофицијално, излегоа со конкретно решение за тековниот застој во македонските евроинтеграции. Ветото и рампата кои Бугарија ги спушти на нашиот европски пат, навидум, се наоѓаат во фаза на можен позитивен исход и отстранување на блокадата.
Посетата која се случи во Клубот на пратеници во Скопје, а на која беа МНР, Османи, вицепремиерот Димитров и премиерот Заев, започна само неколку часа по крајот на средбите во главниот град на источниот сосед. Пораките, испратени со дипломатски ракавици, остануваат во завиена форма, но и најавуваат некакво светло на крајот од тунелот. Португалија, полека влегувајќи во последниот месец во кој ќе биде на кормилото на Унијата, како да ја разниша својата постојана позиција на неутралност и најавува можно придвижување на нештата и рационализирање на бугарските желби во однос на македонското чекорење кон Брисел.
Деблокадата на датумот за почеток на преговори, индиректно, ја најави и премиерот Заев. Зборувајќи за решение кое не задира во македонските позиции, а истовремено, ги уважува и оние бугарските, тој најави надежно откочување на процесот. Како граѓани, ни останува да видиме во деновите кои следат и да посведочиме дали дадениот предлог ќе биде прифатен од двете страни на границата. Иако првичните реакции од бугарската страна се неповолни, сепак, дипломатските булжодери не се за потценување и ќе треба да почекаме на официјалниот став на привремената влада таму.
Иван Дургутов