пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Ако сакаме да се правиме наивни, ќе кажеме дека останува нејасно дали ВМРО-ДПМНЕ предлагаат резолуција или ултиматум. Тие по секоја цена сакаат да го подобрат својот рејтинг, со груба интервенција во процеси од кои отсуствувале по свој (лош) избор. Никогаш не отвориле, ниту се придружиле на било каква иницијатива. Секогаш во подрум, во ќош, со чкртање на забите, со стиснати тупаници и со мрак во мислите и во јавните настапи.
Беа и останаа покрај шините во сите значајни процеси за земјата.
И не само што останаа надвор, туку се обидуваа да ги сопрат и попречат. За среќа, нивните опструкции имаа успех како да се обидете да сопрете брз воз со подметнување сламка во тркалата. Иако партијата брои многу членови, има огромни буџети, знајни и незнајни, бели и црни, не успеа да се изгради во политичка сила што треба да се сфати сериозно. Како и би можела, кога нејзиниот поранешен, а потоа и почесен претседател ја крадеше дури и членарината од партијата.
И наместо да ја свиткаат опашката, целата искубана од сопствените длабоки угризи, и да понудат поддршка во тешките мигови на земјата за која тврдат дека би умреле, тие пак мислат само на себе, на својот рејтинг, пари и бугарски пасоши.
Можеби треба да престанат да врескаат дека би умреле за Македонија, туку да се обидат да живеат во и за својата земја. Ама тоа после бара креативност, знаење, работа, упорност… Така што, нема надеж, изгубен случај се, ако се суди по тоа што прикажале досега. Нема зошто да се менуваат за кратко…
Со „резолуцијата“, ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека сакаат да постават црвени линии. Каде? Таму каде што веќе ги има?
Бараат поддршка, а молат бога да не ја добијат. А добија. Од СДСМ. Никако не им одговараше да добијат поддршка од партија на Албанците, се разбира, за да се засили националистичкиот драјв на нивниот евтин пропаганден трик. Но добија поддршка и од ДУИ. Тонч! Друга е приказната дека политичкото помирување и единство не се гради на овој начин. Особено затоа што „резолуцијата“ на ВМРО-ДПМНЕ нема цел да постигне национално единство, туку да внесе раздор и да профитира предизборно. (Резолуција за национални интереси или политичко профитерство и киднапирање на процесите?)
Јасно ми е од каде го добиле овој ум. Кажано им е дека, за да се извлечат од тешката ситуација во која самите ја втурнаа партијата, треба да понудат некаков „обединувачки документ“, па да се провлечат некако, да покажат дека не се предалеку од прогресивните сили што ѝ мислат добро на земјата. Кутрите, откако не им успеа да ја уништат земјата, сега по секоја цена сакаат да седнат на масата каде што се слушаат и разменуваат големи идеи, каде што се носат храбри одлуки по кои нашата земја стана позната и почитувана. Ама не издржа срце “јуначко”, од сопственото руно не се бега. Бадијала им се сите умови од страна, деструктивни се по природа.
Уште незапочната, приказната заврши. Побараа поддршка, но не сакаа да ја добијат. Сакаат, како и секогаш, да останат сами.
Документот (резолуција), составен прекутрупа, типичен за нивниот кафански менталитет, според нив, никој не смее да го коментира или коригира. Инаку е предавник. Во нивната авторитарна матрица се слушаат само изрази на императиви и забрани. Нема ништо позитивно, пријателско и конструктивно во нивното однесување. Сѐ е трик, манипулација и повик на поделби. Секаде гледаат предавство и заговор. Мора да е тешко да се живее во состојба на постојан страв, омраза и параноја!
Како и да е, добија позитивен одговор од СДСМ, потоа и од ДУИ. Со тоа, нивниот трик ја изгуби острицата, но никој, ни оддалеку, не треба да се радува на тоа. Нивните пропагандисти врескаат толку упорно и гласно, што секогаш успеваат да ги надгласаат и најразумните аргументи. Во тоа е нивниот успех – во бесмислената, заглушувачка врева.
Многу пати видовме како им го прават ќефот – и странците и домашните политичари. Постојано им се дава нова шанса. Секогаш кога нешто ќе упропастат, дури и човечки животи ќе се изгубат поради нивните криминали, ги викаат на „преговарачка“ маса. А тие, откако ќе потпишат што и да им се стави пред носот, само за да се спасат, веднаш потоа го нарекуваат тој документ „тоалетна хартија“. Така беше и со преговорите по Црниот понеделник, по Пржинскиот договор, по Крвавиот четврток, со блокадите и преговорите за Законот за Јавно обвинителство и во десетици други прилики и неприлики кога покажале само недоследност и плукнале на сопствениот збор и потпис…
Па до кога ќе ја гледаме истата претстава?
Погледнете ги само нивните пропагандни црни тројки што дивеат во јавноста, тие пропаднати и валкани ликови што немаат ни трошка кредибилитет. Од нивните настапи се гледа колку се искрени мотивите за најновиот пропаганден трик. Какви газди, такви слуги. И после, со нив треба да се мисли на обединувачки документи, постапки и процеси? Нека им е со среќа на тие што им веруваат.
Текстот е личен став на Авторот.
Creative Commons 4.0