пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Фотографија која во контекстот пласирана е лажна вест, деновиве се сее низ социјалните мрежи и се дезинформира со крајно недоветни реплики „еве ги видете ги ќе не освојуваат терористите што ќе ни ги донесе Заев“. Или како вели онаа несреќа Сашо Тасевски: „И така Заев спаси куп дечиња со нивните мајки од Авганистан… И го донесе тероризмот во Македонија… Баравте гледајте…“
И се штанцаат такви гадни реплики на Твитер и Фејсбук од Миленко до Тасевски преку црните анонимни пропагатори и дувла на лажни вести, и, никој кур не го боли што фотографијата со која се манипулира е од Турција од 2018 година, сликана во некој авион што одел не знам каде, од не знам кој, зашто веќе се уморив од пребарување и од соочување, споредување и укажување, да не речам медиумско описменување.
Но, ајде еве, има и трпеливи: Вистинското потекло на фотографијата, кое го обелоденија твитерџиите, е дека се работи за депортација на Авганистански бегалци од центрите за депортација од Турција во земјите од каде што потекнуваат, и истата е објавена на 18.04.2018 година.
Кога неколкумина во коментар му укажуваат на Тасевски дека не е веродостојна фотографијата, реплицира во стилот: па што ако е од 2018 година, нешто поразлични ќе бидат, истите ќе ни ги пратат. Или, вели: од каде знам дека ова што ти го пушташ не е лажна вест…
Нема разум тука драги мои, има само матрица некоја верглачка хушкачка, нечовечка, себична, без никаква емпатија за луѓе во невоља.
„Ниту една жена нема во авионов кој евакуира бегалци“, е насловот под лажната фотографија која прво се појави на порталчето од Ивона.
Од која страна да го земам овој хушкачки наслов за да ви кажам колку е сè ова забегано и гадно? Од која страна да ги зафатам генераторите на лажни вести за да ви кажам колку ова безобразие е опасно по здравиот разум?
Демотивира неосудата и молкот, само да знаете.
Текстот е личен став на авторот.