пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
„Најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство. Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите, тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, ја чува оваа земја, тие ја сакаат Македонија со своите срца.“
Читам и не ми се верува каква „порака“ одбрал да спонзорира на Фејсбук, Христијан Мицкоски.
Ова го вели ни помалку ни повеќе туку човекот кој шефува со белата палата на вмровците што ја наследи од неговиот криминален ментор и која палата насадена во центарот на Скопје, со ликсузни лустери и килими, таписерии и што ли уште не, чини тешки милиони криминални евра. Ова го вели човекот кој без трунка достоинство станал асистент кај својот татко за да се дограби до професорска фотеља и кој што со професорската плата станал сопственик на десетина хидроцентрали.
Мицкоски го излагале дека беседи умно, ама заборава дека од другата страна сега има гласно „тивоко мнозинство“, што критикува без страв, но добро памети, расудува и не простува, а не се тоа неговите краткоумни партиски гавази што го тапшаат по рамо и храбрат еве веќе неколку изборни порази по ред.
На гласот на тивкото мнозинство повикува човекот кој додека беше директор на ЕЛЕМ ја зголеми цената на струјата за 100% и ја укина ефтината тарифа. Ова го вели оној човек кој и официјално во студии од ЕУ е прогласен за главен извор на лажни вести во Македонија. Тој е човекот кој поради своето политичко поведение, освен кај Орбан, не може да добие официјален прием во ни една нормална демократска замја.
На луѓе што живеат мирен живот, кои, како вели – „тихуваат, работат, ја чуваат оваа земја“, се повикува Христијан Мицкоски кој беше дел од толпата пред Собрание, кога инструираните од врхушката на ВМРО-ДПМНЕ насилници, во обид да направат државен удар влегоа и крволочно тепаа пратеници и новинари.
Ова го вели Мицкоски кој на овие избори излегува со понуда на најмалку тројца осудувани за насилство кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. На кое „тивкото мнозинство“ се надева да му е спас од политичкиот очај ваков Мицкоски, само тој и неколкумина околу него си знаат, другите добро се сеќаваме.
Или, пак Мицкоски се подбива, ова е некој од оние вицеви што ги кажува на партиските митинзи?
Вицкаст е, мора да му се признае.
Текстот е личен став на авторот