коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Човек да не може да се начуди. Во една земја со толку многу сиромашни и со еден грст богаташи за кои никој не знае од каде им се парите, има премногу „жртви“. На страната на богаташите, се разбира. Сите тие се загрижени и исплашени за својот углед и честа. Сите се жртви на опасни криминалци кои својата мрачна кариера ја започнале на чудни начини. Во ријалити шоу, со пожолтени гаќи, на пример.
Кутрите тие, не биле свесни дека се под истрага, а камоли обвинети. Безмалку сите дознавале од медиумите дека се под лупата на правдата (ако воопшто може така да ја наречеме). Дека биле чесни и угледни, затоа имаат милиони евра во кеш.
Кутрите тие жртви, угледни и чесни, повеќето се почесни конзули на странски држави во својата земја. Изгледа, затоа им е полесно да ги контактираат разните странски амбасадори и функционери, отколку органите на прогонот во сопствената земја. За тоа колку пасоши и идентитети имаат да не прашуваме, срамота е, тоа е приватност!
И многу страшно да ти било тоа СЈО, мајката. Шуќур, вемерето успеа да го уништи со своите опструкции во политичките преговори, инаку сѐ уште ќе се занимаваа со таа монструозна институција. Биле потресени од своите посети на СЈО, тие да ти имале докази за нивното криминално дејствување. Ама не биле сите докази за нив! Тие докази, пак, што биле против нив се друга приказна… Сега, да не претеруваме, не мора да се инсистира баш на сѐ, нели?
И сето тоа заплеткано, заплеткано, Гордиевиот јазол е смешно чворче во споредба со сите овие шеми. Но, тие, угледни и чесни жртви, немаат ништо со тоа.
Милионите мора да му припаѓаат некому, па зошто да не токму ним да не им припаѓаат – тие се само едни обични почесни конзули, богаташи, чесни и угледни луѓе. Скромни, скромни, поскромни не може да бидат. Затоа и ретко кога се појавуваат во јавноста, освен како спонзори, добротвори и градители на цркви. Вистински неимари! Башка што вработуваат луѓе, хранат фамилии, па и даноци плаќаат, замислете! Можеби по некој милион поминувал и незабележано, од каде да се води сметка за секој мал милион евра?! Да не бидеме ситничари!
Сите права се задржани. УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.