Лидерот на македонските социјалдемократи упати повик до поддржувачите со едноставен наслов: ОБЕДИНУВАЊЕ!
Тој во писмото им се обраќа на социјалдемократите, но и на сите поддржувачи на демократијата и на прогресот, им се заблагодарува за сиот ангажман и ги повика да се мобилизираат за подобри и поинтензивни промени.
„Дозволете да ви се заблагодарам за целокупниот ваш ангажман и труд што го дадовте за овие избори, но и за сите процеси во изминатите години низ кои заедно ги направивме големите промени во македонското општество. Трудот е наш, заеднички, на сите, но денес е јасно дека промените не се доволни, дека тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно и дека нашата борбата не е завршена“ – пишува Зоран Заев во обраќањето.
Тој пишува дека граѓаните во првиот круг на овие избори испратија јасна порака и дека СДСМ таа порака мора да ја послуша, да ја разбере и да постапи по неа.
„Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно“ – се вели во пораката на Заев до социјалдемократите и поддржувачите на демократијата и на прогресот.
Според Заев, граѓаните бараат мобилизација на СДСМ и нов циклус промени, а земјата и општините да одат напред.
„Ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ“ – вели социјалдемократскиот лидер, Зоран Заев.
Во обраќањето, Заев вели дека 4вториот круг е борба за секој глас, за секој град, за секоја општина.
„Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас“ – пишува Заев.
Понатаму, Заев истакнува дека СДСМ мора да ја зголеми својата достапност, отвореност и експедитивност во решавањето на проблемите на секоја индивидуа, на секоја група граѓани, дека партијата не е и никогаш нема да биде недостижна и недостапна, дека тоа не ѝ прилега.
„Напротив, ние сме и мораме да останеме скромни и приземјени. И само така ќе го одржиме правецот на кој заедно ја поставивме нашата земја.
Затоа, ве повикувам на ОБЕДИНУВАЊЕ!“ – повика Зоран Заев.
Според Заев, сега е време за обединување.
„Затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години“ – потсети тој.
СДСМ греши, но учи и се поправа, пишува понатаму во обраќањето. За разлика од СДСМ, според Заев, ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси.
„И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики“ – пишува Заев.
Во завршниот дел, социјалдемократскиот лидер пишува:
„Велат дека за да победи злото доволно е добрите луѓе да не направат ништо. Овој пат, ние нема да набљудуваме и да не правиме ништо додека злото се заканува. Ќе дејствуваме! Затоа, од секоја општинска организација барам акција.
Исклучително важно и неопходно е секој Општински изборен штаб да биде во постојана консултација со Централниот изборен штаб и да ги следи насоките, од една страна, но и да биде отворен за предлозите, ставовите и пораките кои доаѓаат од членството, од поддржувачите и од граѓаните, од друга страна.
Потребна е брза анализа и враќање на теренот ВЕДНАШ. Потребни се брзи промени и акции кои ќе придонесат кон БОРБА, УВАЖУВАЊЕ НА ГЛАСОТ НА ГРАЃАНИТЕ, ОБЕДИНУВАЊЕ и со тоа ПОБЕДА на СДСМ во вториот изборен круг. Тоа и тоа како е можно и е на дофат.
Од нас зависи. Потребно е да се обратиме и да подадеме рака на секој еден човек, секој еден глас којшто можеби сме го пропуштиле во првиот изборен круг. СДСМ го слушна гласот на граѓаните.
Напред другари. Борбата продолжува!“