пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Поништување на изборот за претседател и на сите акти кои се потпишани од Талат Џафери, е дел од новогодишната Фејсбук листа на желбите на Каракамишева, веројатно најблиска и најверна соработничка на Мицкоски. Значи, великата професорска венецијанерка сака да се поништи сѐ, па и повисоките плати и пензии, социјални трансфери, детски додатоци… тоа е првата, сосема нормална, реакција на нејзината небулоза. Се разбира, таа не споменува дека сака да се поништат и нејзината диплома и позициите врз грбот на граѓанките и граѓаните, тоа никако!
Кога пратеникот Зекири ѝ забележа дека повикува на поништување на одлуки што се важни за подобрување на животот на луѓето, таа му одговори дека тој мешал баби и жаби. Каква бравурозна правничка квалификација! Брависимо!
На што личи ова, по ѓаволите! Па студираат млади луѓе кај оваа и ваквите професор(к)и, учат што е право, за утре да бидат нервниот систем на државата и општеството, ќе застапуваат, советуваат, бранат, тужат, судат некого. Како може вакви луѓе да се носители на важни функции и позиции во општеството и државата? Како дојдовме до ова? Па секој збор што ќе го изустат овие и ваквите е рамно на тежок и срамен скандал!
Еден уважен професор, еднаш јавно сподели дека Каракамишева била многу слаба студентка по право. Имајќи го ова предвид, можеби не е ни чудо што зборуваат, пишуваат и советуваат вака. Но цената што ја плаќа целото општество, сите ние, е превисока.
Оваа госпоџа бара поништување на „геноцидниот Договор од Преспа“, „уставните амандмани за промена на името“, „Законот за јазиците и носење нов закон согласно меѓународните стандарди за малцински јазици“, „законот за територијалната поделба на државата, законот за амнестија на УЧК, законот за криминалната приватизација на Македонија, итн.итн.“
Таа имала „образ“ да го побара ова, бидејќи: „имам докази дека жестоко сум се борела против сите овие канцерогени постапки и акти донесени на штета на Македонија“.
Има докази. Баби или жаби? Нели, не смееле да се мешаат.