ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Чудовиштето на национализмот

Во суштина, сите етнички заедници се максимално еднакви – сите ги плаќаат апетитите на своите политички претставници.

December 16, 2021 13:00
in ZOOM IN, ДЕНЕС, МОЗАИК, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Џабир Дерала

Џабир Дерала

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Не еднаш политичарите во земјава, и водечките и маргиналните, кажале дека им требаат повеќе гласови на изборите или во парламентот – за да не бидат „уценувани“ од „другата“ страна.

Доведувањето на политичкото помирување во релација со интеграцијата, мултикултурализмот и етничките прашања – го убива помирувањето по сите основи. Политичарите кои искрено веруваат во прогресот, веруваат и во мултикултурализмот и во Стратегијата „Едно општество за сите“. Да се потсетиме, оваа владина стратегија, суштински важна за развојот, па и за опстанокот на Северна Македонија како модерна европска држава, се донесе на крајот на октомври 2018 година. Тоа беше исклучително деликатен момент, само еден месец по спроведувањето на Референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор.

Израз на политичка волја

Во кратката историја на независност и плурална демократија на оваа земја, се испорачаа голем број ветувања за интеграција на општеството, за прифаќање на мултикултурализмот и за доследното почитување на човековите права и слободи на сите луѓе и заедници подеднакво. Ниту едно од тие ветувања не беше исполнето во целост, а најголем дел од нив паднаа во заборав истиот ден кога беа донесени.

Така беше до формулирањето и креирањето на Стратегијата „Едно општество за сите“. Тоа беше таа тектонска промена, која ја одлепи Северна Македонија од калта во која тонеше како буре барут и ја направи вистински модерна европска држава. Израсната е на улиците, искована за време на граѓанските протести за демократија, еднаквост и слобода. Во процесот на креирање на стратегијата, владата ги прифати принципите изградени во годините на граѓанскиот пркос против режимот и им даде институционална димензија. Тоа е прва стратегија од овој вид која не е наметната однадвор, туку е израз на политичката волја на креаторите на политиките и практиките и носители на одлуките на највисоко ниво.

Меѓу декларациите и реалноста

Сепак, реалноста е поинаква. Едно е да се декларира, а нешто сосема друго е концептот „Едно општество за сите“ да се практикува.

Како и сѐ друго во овој тажен балкански контекст, така и законите и важните стратешки приоритети на државата, наидуваат на отпор од пониските ешалони во власта и партиите. Назадните, националистичките и антизападни структури во земјата, помогнати од автократски режими од познати центри, вредно работат против мултикултурализмот во нашата земја.

Ќе биде здодевно да се повтори дека оваа област е извонредно чувствителна и комплексна. Сепак, зачудувачки лесно ѝ се предаваме токму на бескрајно здодевната репетиција на општи декларации и решително чукање на масата, придружено со зборовите – време е за акција сега! Како во „Житието на Брајан“ на Монти Пајтон.

Кратка е патеката

Малку потешко е да се прифати еден ноторен факт. Само-декларираните прогресивни групи, поединци, организации и политички ентитети, премногу лесно и премногу често паѓаат во стапицата на латентниот национализам, кој има својство брзо да премине во отворен национализам.

Чинот на подавање рака меѓу оние што претходно биле непријатели, е голем и благороден, но тоа е само прв чекор. Прекинот на непријателствата е краткотраен потег. Ако не постои волја, но и стратегија за национална и општествена интеграција, непријателствата лесно се разгоруваат. „Едно општество за сите“ е одговор на тие предизвици, но само ако доследно и целосно се спроведе, а потоа и да се унапреди и продолжи.

Кратка е патеката до пеколот. Нека се и добронамерни, ако се несмасни, обидите да се премостат разликите меѓу политичките партии, можат да доведат до разгорување на етничките тензии. Не еднаш се случило тоа, но политичарите мразат да учат од грешките.

Има разлика

Затоа, има разлика. На пример, предлогот на премиерот Зоран Заев во февруари 2020 година, за формирање широка коалиција во чиј состав би влегло и ВМРО-ДПМНЕ суштински се разликува од повиците да се обединат пратениците Македонци против „уцените“ од политичките партии на Албанците.

Во првиот случај се работи за идеја со која сите политички партии би се обединиле за исполнување на евроатлантската агенда, борбата против КОВИД-19 и справувањето со економските предизвици. Во вториот случај се работи за продлабочена етничка поларизација во која еден етно-национализам му се спротивставува на друг етно-национализам. Рецепт за катастрофа.

Две агенди

Преговорите меѓу партиите најчесто имаат две агенди. Едната е идеолошко-политичка, а другата се раководи од личните и теснопартиските интереси: за колку добри позиции во власта ќе се испазари партијата што е „на продажба“. Или тоа барем така се доживува во јавноста. И често се мешаат коцките. Помалите политички партии обично сакаат да добијат што е можно повеќе моќ со што е можно помалку квалитет и учество во реформските процеси. Пред своите гласачи се претставуваат како чувари на етничките права на едните или на другите.

Тоа е нашата реалност. Политичкиот „дијалог“ се сведува на пазарење за директорски и заменички места во министерствата и државните институции. На сметка на сите етнички заедници. И секогаш, тој што „дава“ е од поголемата партија што се перципира како македонска, а тој што „бара“ или „зема“ доаѓа од политичка партија на другите етнички заедници. На крајот, тоа изгледа вака: Македонците даваат, а „другите“ само „земаат“.

Сите се еднакви

Во суштина, сите етнички заедници се еднакви – сите ги плаќаат апетитите на своите политички претставници.

Од друга страна, иако националистите сакаат да веруваат и да постапуваат поинаку, човековите права имаат едно силно „антинационалистичко својство“.

Не може никој да го даде тоа што веќе им припаѓа на сите, а тоа се човековите права и слободи. Тоа е така според Уставот, законите и меѓународното право. Нема ништо поедноставно од тоа, само треба да се следи словото на законите и принципите на недискриминација. Но тоа е неспоредливо полесно да се каже, отколку да се спроведе!

Нужно зло?

Во македонската политичка реалност, рамноправноста се губи на „зеленото пазарче“ на меѓупартиските преговори. Малку е потребно декларираното партнерство во водењето политики и исполнувањето на заедничките национални стратешки цели.

За жал, дури и кога тоа не е случај, перцепцијата во јавноста е дека партиите се пазарат за етничко влијание во државните структури. Така, политичките претставници на Албанците, Ромите, Турците, Власите, Бошњаците или други, од партнери во власта, се претвораат во „нужно зло“ во политиката. Тие не се доживуваат како партнери кои можат да придонесат во креирањето на политиките на парламентарните мнозинства, туку се само неизбежни и секако „крајно непожелни“ елементи во власта.

Меѓу „уцените“ и политичката непомирливост 

Наместо прикриен национализам, почесно е да се каже што е тоа со кое уценуваат Албанците во политичките преговори, а на Македонците им пречи. И обратно! Релациите во политиката секогаш имаат најмалку две насоки.

Етнички мотивираното надмудрување може само да придонесе кон продлабочена поларизација по етнички линии. Предизборните коалицирања со Албанците ништо не вредат, ниту разните законски и административни решенија за етничките заедници, ако нема политичка волја за негување и почитување на различностите, за доследно, искрено и бескомпромисно спроведување на Стратегијата „Едно општество за сите“.

Дали политичката поларизација е полоша од етничката? „Уцената“ за некое директорско место повеќе за Албанците се доживува како предавство и неспоредливо поголемо зло отколку „единството“ со структури кои имаат антидемократско, националистичко, па и криминално минато.

Нагоре високо, надолу длабоко. И едната и другата практика го корумпираат и партизираат системот.

Има ли лек?

Да, лек има. Називот му е: Едно општество за сите. За почеток, треба да се разговара за сите облици на прикриен или отворен национализам. Нема дебата на оваа тема, ни во медиумите, ниту во академската јавност. Тоа не е нормално. Мора да се надмине стравот од отворање дебата, од искрена размена на ставови, од учење…

Крајно време е медиумите да го отворат својот простор за јавна осуда на секој и најмал облик на национализам. Да ги напуштат концептите на екс-југословенските медиуми од 90-те години на минатиот век.

Еве, да почнеме од „најлесното“ – зборовите и изразите како „уцена“, „нужно зло“, „и тие се луѓе“, „нема да ти заврши работа наш, барај ги нивните“, „имаат убав мелос“… Бидејќи, зад зборовите и изразите најчесто се крие чудовиштето на национализмот.

 


Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

(ВИДЕО) Почина лицето на кое беше пукано во Штип, убиецот е уапсен

May 9, 2025

Трамп повикува на „безусловно“ 30-дневно примирје меѓу Русија и Украина

May 9, 2025

(ВИДЕО) Пукање во угостителски објект на градскиот плоштад во Штип, едно лице повредено

May 8, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Спротивставувајќи се на Трамповата Америка

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВО ЖИВО) Идентитетот на новиот папа ќе го објави кардиналот Доминик Мамберти

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кој е Роберт Превост, новиот папа?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Бел чад од Сикстинската капела: Habemus Papam

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Честит Ден на победата во Европа, 8 Мај и Честит Ден на Европа, 9 Мај

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk