Иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата ја крена на нозе целата македонска јавност која застана во поддршка на зголемување на стандардот на работниците. Овие денови се води жестока бита во Економскиот Совет во која Владата се обидува да најде компромис меѓу синдикатот и работодавачите.
Но се чини разногласие постои и во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Имено ставовите околу ова прашање ги спротивставија на највисоко ниво лидерот на партијата Христијан Мицковски и поранешниот министер за финансии и сегашен претседавач на Советот на град Скопје Трајко Славески.
Претседателот на партијата Христијан Мицковски во интервју на Канал 5 изјави дека тој ја подржува иницијативата за зголемување на минималната плата ако тоа значи линеарно зголемување на сите останати:
„Суштинскиот проблем е дали ако имаме ние минимална плата од 18 илјади денари ќе ги нивелираме сите останати плати нагоре. Тогаш сме „за”. Ако ние потоа ги нивелираме сите останати плати линеарно на ова зголемување, тогаш сме за, затоа што сите работници треба да го остварат тоа право,“ изјави Мицковски.
За разлика од него, професорот Славески изрично е против зголемување на минималната плата затоа што тоа фирмите не би го издржале и би затвориле:
„Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на преку 20 проценти од вработените како прво, и не може да биде 60 проценти од просечната, кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти“, смета Славески. Вакви слични тврдења тој имаше и додека беше министер заедно со Никола Груевски. Но тогаш од позиција на власт со години им успеваше да ја чуваат минималната на 9 500 денари, сума која потоа СДСМ за краток период ја зголеми на 15 500 денари, а сега поддржува зголемување на 18 000 денари.
За законот за зголемување на минималната плата ќе се дебатира на Собрание на 10-ти овој месец.
Д. Е.