Тимот за односи со јавноста на бугарскиот премиер Кирил Петков направи крајно непријатен и скандалозен гаф. Некои од медиумите веќе пишуваат дека Петков е крајно посрамен. За што се работи?
На 19 февруари беше објавена фотографија на која се гледаат македонскиот премиер Димитар Ковачевски, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и бугарскиот премиер Кирил Петков. Фотографијата ја отсликува и јасната поддршка на високиот американски функционер за македонско-бугарскиот дијалог и поттикнувањето на решение на спорот. На 20 февруари, таа иста фотографија беше кропирана на тој начин што македонскиот премиер е изоставен од фотографијата.
Зошто некој би го направил тоа? Кој и да е одговорот, воопшто не е пријатен за бугарскиот премиер и за неговиот тим. Скандалозното „ретуширање“ на фактите може да е последица од аматерски обид да се прикаже поддршката на Блинкен за Петков. На сметка на Ковачевски, се разбира. Само тоа е доволно оваа постапка да се означи како скандал, а да не говориме и за можната позадина на постапката.
Дали целта е на секаков начин, па и со кропирање фотографии, да се прикрие поддршката од Блинкен за дијалогот Скопје-Софија и особено американската поддршка на македонските евроатлантски интеграции?
Да се надеваме дека не е, бидејќи ваквата постапка е последно нешто на кое може да помисли некој што се занимава со креирање на јавното мнение. Во секој случај, останува отворено прашањето дали се работи за бугарска политичка мангупарија или за несмасен пи-ар потег. Ако ништо друго, јавноста и во двете земји заслужуваат објаснување.
Џ. Дерала