14.3.2022 година
Украинскиот наратив за вистината победува
Сајбер-кибернетичко или интернет војувањето е во полн замав, посебно последните недели откако Русија влезе да ја уништува Украина. На запад или на југоисток, односно во оние држави кои се дел од Европската заедница или оние држави кои имаат јасни аспираации за влез во Европа, на руските уметници им се откажуваат ангажманите, а за таа цел, пак, во Русија е избркано сè она кое асоцира на западна „поп-култура“.
Кога веќе тематски исцртавме со што ќе се занимаваме во овој текст, не е на одмет да се каже дека светот не војува само со конвенционално оружје – тенкови и бомби, туку војува и сајбер-кибернетички, односно преку борба на лагата и вистината.
Од секогаш се војува нелинеарно и хибридно, затоа што луѓето потсвесно под војна подразбираат оружен конфликт. Откако постои човештвото се војува политички; политичка војна е она што се подразбира, а во новото време е сајбер или кибернетичко војување; во старото време, пак, имаме економско војување, па дури и ако сакате – енергетско војување.
Во таа смисла, ние отсекогаш сме биле во перманентна војна, секоја држава е во војна со друга држава, ама не со еднаков интензитет и не со еднакво вложени сретства. Како што има дрон, граната и бомба, така има оружје на лагата и вистината, односно информација и дезинформација.
Хибридните војни претставуваат „buzzword“, термин кој се користи во општествените науки, ама ние овде зборуваме за политичката војна меѓу Русија и Украина. При што, кога зборуваме за сајбер-војна (напад на информатичка инфраструктура, противзаконско собирање на информации), тогаш зборуваме и за војување со наративи.
Денес победува наративот што е близок до вистината, а тоа е Украинскиот наратив на страдањето, раселувањето, жртвите, срамнетите со земја градови во Украина, убиените цивили, мажи, жени и деца. Зошто, ќе прашате? Затоа што пласманот на наративот се случува сега, веднаш и овде. Или во превод: затоа што наративот на русите за „денацификација“ не успева; а успева украинскиот наратив поради директното страдање кое се гледа со голо око.
Многу јасно – како на филмска лента – гледаме директните призори преку социјалните медиуми како тенковите ги уништуваат градовите, населбите, цивилите, родилиштата кои се погодени со гранати, ги гледаме покосените тела на жени, мажи и деца. Ги гледаме, имено, во реално време. Приказните, пак, кои ги пласира Русија дека во Украина постојат нацисти кои ја киднапирале државата се апсолутно бесмилени и лажни.
Нашата Влада треба да разбере дека денес не се води војна само во Украина, туку водат војна и домашните структури кои се дел од политички – сајбер војната против Северна Македонија, таа војна е отворена и перманентна; агентурите скриени во политичките партии на опозицијата кои се обидуваат да ја променат реалноста.
Проруските експозитури во оваа држава се добро познати на органите за следење: сите што сакаат да профитираат на бес, хистерија, воено профитерство и останати лудила – таа психологија е идеална за време на војна – е дел од сајбер војната на Русија во Северна Македонија.
9.3.2022 година
Нашата песна „Јовано, Јованке“ пред Обединетото Kралство во Лондон
Славјанка Петровска е министерка за одбрана на Северна Македонија, жена која има политичка моќ, односно колоквијално речено, тоа е жена во политика. Но, исто така министерката е цел на напади. Не ја критикуваат нејзината работа ботовите и троловите со „десничарски предзнак“ – каде се видело трол и бот да критикува или афирмира? – создавајќи брутална атмосфера од навредливи коментари. Коментарите се за секаква осуда од една страна, од друга страна, министерката Славјанка зборува многу повеќе за нашето општество одошто „коментаторите“ може да кажат нешто за неа.
Право на став и збор е основно човеково право, тоа верувам дека сите го научивме. Ама не може да биде право на збор ако ти користиш одвратни зборови кои се преполни со мизогинија и шовинизам затоа што Славјанка е жена која не се вклопува во архетипот на мажот и моќта. На моја голема радост, СДСМ ги афирмира жените во политиката, што ми докажува дека тоа е сериозна политичка партија, има родов баланс и сензибилитет во јавните политики. Ама мојата основна теза е дека нашиот ментален и културен образец на моќна личност и понатаму е „машка“. Со други зборови, македонското општество нема образец за моќна жена, освен онаа жена која личи на маж. Костум со панталони – или само панталони – кои носат многу западни политичарки, од Ангела Меркел до Хилари Клинтон, може да биде практичен и пригоден.
Имено, ја погледав кратката церемонија на Министерството на одбрана во Лондон, го слушнав и Британскиот воен оркетар кога на пречекот на министерката Славјанка ја свиреше нашата традиционална македонска песна „Јовано Јованке“, па мојата спонтана реакција беше: каде се сега сите оние кои велат дека не е нашиот македонски јазик бетониран и цементиран пред светот и големите сили? Каде се сега сите оние одвратни денунцијанти дека македонскиот јазик е непризнат, „испреговаран“, негиран, продаден? Не, браќа и сестри, денес македонскиот јазик е бетониран, потврден, како дома, така и пред светот. Денунцијантите и хушкачите мора да си најдат нова тема бидејќи „Јовано, Јованке“ пред Обединетото Кралство беше доволна потврда за тоа. Но исто така и таа песна докажа дека не смо јазикот, туку и безбедноста на нашата држава е гарантирана и потврдена од страна на сојузниците. А сојузник ви е оној што ја прифаќа вашата посебност: јазична, политичка, вредносна.
Идејата на овој текст произлезе од срамот што моите сограѓани со „десен предзнак“ плукаат кон министерката Славјанка сосема невтемелено, злобно и „опако“. Идејата на овој текст е дека моите сограѓани со „десен предзнак“ се шовинисти и мизогини; идејата на овој текст е дека министерката Славјанка пред неколку дена го афиримираше македонскиот јазик како ретко кој до сега.
Меѓутоа, за да го напишам овој текст, мене ми е потребен македонскиот јазик. Тоа е јазик кој е составен од сите овие зборови. Тоа е јазик кој мене ми е потребен за да ги опишам сите оние работи кои мене во општеството ми сметаат, и тоа е јазик кој мене ми е потребен да ги афирмирам оние добри политики и личности кои нашето општество ги има.
Министерката Славјанка е една од тие личности. Северна Македонија не e светска велесила, нема ниту висока култура која може да излезе конкурентно пред останатиот свет. Ама Северна Македонија има многу пристојни, разумни и храбри луѓе кои си ја сакаат својата земја и својот јазик. А за да откриеме дали Славјанка е една од тие луѓе, доволно е само да го погледнеме нејзиниот стоицизам, нејзината борбеност и нејзината верба дека и жена во овие тешки времиња може да се носи рамо-до-рамо со мажите.
Дури, мислам и тоа, кога жените би го воделе светот, немаше да има вакви стравови и ужаси.
Нашата песна „Јовано, Јованке“ пред Обединетотo кралство во Лондон. Ја свири Британскиот воен оркестар. Има оваа земја луѓе за почит и воодушевување. Славјанка е една од тие.
7.3.2022 година
Руската амбасада во Скопје кризира за чист воздух и бистар поглед
Вчера осамна „твит“ на Руската амбасада во Скопје како во манирот од „најдобрите“ денови на груевизмот. Приметиле руските сердари дека во земјава се создавало клима на „русофобија“, слично како во времето на црни Груја, кога антивоените граѓански организации беа против насилничкиот режим, им правеа списочиња и тефтерчиња, заради дискредитација ги нарекуваа „соросоиди“, „платеници“, „шпиуни“ и останати катран-и-перје семантички флоскули.
Натаму, во „твитот“ на Руската амбасада во Скопје стои и тоа дека „креативните“ луѓе позади своите бироа и компјутери правеле тефтерчиња за сите неподобни државјани во Северна Македонија. Внимавајте, Руската амбасада во Скопје – на странска територија – прави тефтерчиња за оние кои таа ќе ги детектира и означи како русофоби.
Имено, се стекнува впечаток дека Руската амбасада во Скопје тоне во изолација која ѝ ја наметнува Москва, а не рускиот народ. Не можат тие да ја направат Македонија по своја мера, како што Русија не може да ја направи по своја мера Европа. Или во превод: нема Македонија проблем со рускиот народ и култура, туку огромен број на граѓани – како и државната политика – ја осудуваат војната која се случува во Украина, а исто така го осудуваат воениот агресор кој се наоѓа на Кремљ.
За волја на вистината, се изнагледавме тефтерчиња за „неподобни луѓе“ и во минатиот режим – и тамо имаше слична феноменологија на олигархиско-тоталитарна матрица која е дрмаше земјава цела една деценија. Се разбира, како за Путин, така и за Груевски, а гледам дека и Мицкоски инсистира на истите цели, Македонија да биде „чиста“ држава која ќе остане во НАТО, ама нема да остане на денешните „демократско-либерални позиции“. А знаете како пишува во книгите: демократијата е либерална или не е демократија.
Но, да се вратиме на не помалку важните работи за кои вреди да се напише збор-два: доминантниот дел на нашата држава се приклонува во поддршка на Украинскиот народ, ја осудува воената интервениција на Путин, а од друга страна, во мое лично име, а верувам дека тоа е и ставот и на онаа демократска, пристојна и очовечена Македонија: ги поздравувам сите оние руски граѓани кои излегуваат на протест во Москва, Санкт Петербург и останатите руски градови, и кои се солидаризираат со украинците а го осудуваат Путин и официјална Москва за злосторството кое го прави, не само на Украина, туку претставува закана и за целиот свет.
А, ако Руската амбасада во Скопје навистина е загрижена за русофобија, нека почне да им прави списоци на своите руски граѓани кои во моментот ги апси нивниот работодавач; нека направат список и за тоа кој во чие име прави полициска бруталност: до денес, 7.000 руски граѓани се уапсени, и на сите овие им се предвидува судење за предавство и казна со затвор од 15. до 20. години.
Драга руска амбасадо,
Ако барате русофобија, најпрво отворете ги ролетните, нека ви влезе малку чист воздух, а потоа погледајте подобро што се случува во вашата „бабушка“.
Ненад Јовановиќ