01.04.2022 година
Мангупот М. својот народ го нарече „тивко мнозинство“
Немал сомнеж, вели Мицкоски, дека тие 130 илјади непопишани граѓани биле Mакедонци, ама ги разбирал зошто не се попишале. Зошто не се попишале (?), не кажува, ама ги разбира зошто не се попишале, велејќи ни дека „од вакви и такви причини“ не се попишале. Што би му значело тоа „од вакви и такви причини не се попишале“?
Зошто луѓето во Македонија се попишуваа? Од вакви и такви причини. Зошто ги одвраќаше Мицкоски луѓето од пописот пред пописот? Од вакви и такви причини. Зошто не му се допаѓа бројката на попишани 58% Mакедонци? Од вакви и такви причини. Зошто не му се допаѓа бројката на 29% попишани Aлбанци? Од вакви и такви причини. Зошто Русија војува во Украина? Од вакви и такви причини. Зошто си лидер на ВМРО-ДПМНЕ? Од вакви и такви причини. Зошто голем број на луѓе се отселени од државата? Заради Владата на СДСМ, вели Мицкоски. Е, тука те чекав, батице!
Гледате, почитувани пријатели? Оние луѓе кои не се попишуваат, оние луѓе кои не се изјаснуваат, оние луѓе кои не учествуваат во ниеден процес, тоа Мицкоски го нарекува народ. Тоа е гласачот на кој Мицкоски му се обраќа. Тоа е „мртов“ народ. Безгласен. Замолкнат. На таков народ Мицкоски е лидер, месија, еманципатор и професор. Прво ги одвраќаше луѓето, а потоа беше изненаден од бројката на пописот.
Така беше и со референдумот за името, така беше и со парламентарните избори, така е во сè со неговата политика која во суштина не е политика. Или со други зборови: десубјективизираниот народот мора да молчи, а Мицкоски е тој што треба да каже во што и на кое место „народот“ ќе поддржи или отфрли. А овие што се изјасниле 58% односно 28% се што? Нели е тоа народ? А оние кои се изјасниле како Турци, Роми, Срби… Тие се што?
Да ви кажам нешто кое Мицкоски нема никогаш да го каже. За него луѓето во оваа земја се делат на негов народ и останати. Во таа неговата глава која е „ваква и таква“, неговиот народ е привилегиран народ а останатите се граѓани од втор ред. Таа линија на раздвојување на „прав“ и „неправ“, то ест на „прв“ и „втор“ народ, Мицкоски, а претходно тоа беше Груевски, го влечат од осамостојувањето до денес.
Уште малку околу поделбите. Покрај неговиот народ и останатите, во Македонија живее и Ковачевски, Заев, Џабир Дерала и еве, да речеме, живеам јас. И мојата маленкост живее во оваа држава. Што сме ние? Ние сме најниската каста на народ за Мицкоски? Ние сме што? Во свеста на Мицкоски (а претходно беше Груевски) единствено што постои е кастински систем. „Вистинскиот“ народ за Мицкоски е неговиот народ, оној што ќе се попишува кога тој ќе го води пописот, а сите останати се народ од втор ред. Тоа ли е идејата на Мицкоски?
Во пописот нема само „вмроовци“ или „сдсмовци“, на пописот се изјаснија сите граѓани, освен оние кои не се изјаснија. А тие што не се изјаснија, Мицкоски ги квалификува како негов народ. Следниот чекор е да го прифатат и прогласат за свој месија. И ќе го прифатат, да знаете, затоа што мртва уста не зборува. Мангупот Мицкоски пронајде суптилен термин, го нарече својот народ „тивко мнозинство“.
31.03.2022 година
Пописот ни кажа јасно – Македонија не е националистичка, туку Европска земја, и така треба да остане!
Ги видов бројките од пописот, ги слушнав хистерично-националистичките коментари од типот „Албанците ќе ја водат државата, а ние Македонците сме неважни“, па сосема спонтано ми текна на Едмонд Бурк: „Луѓето не ги поврзува хартија и печат. Тие се здружуваат по сличноста, согласноста и наклонетоста. За нациите важи истото кое важи и за луѓето“.
Резултатите од вечерашниот попис се очекувани. Се знаеше дека Македонците ќе бидат во помал број од очекуваниот, а Албанците ќе бидат повеќе од пописот во 2002 кој изнесува 20%. Или во пластичен превод, на пописот од 2021 година, Македонците се 58%, а Албанците 29%.
На што се должат ваквите резултати ако на памет ја имаме дефиницијата на Едмонт Бурк: на тоа што Левица, ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити не се задоволни со бројката на Албанците која изнесува 29% (што значи дека не се наклонети кон Албанците), а не се задоволни ниту од бројката на Македонците која изнаесува 58% (кон нив се наклонети а и од нив се збунети, веројатно очекуваа преку 80% Македонци, иако тоа беше невозможно затоа што направија сè луѓето да се одвратат од попишување).
Практично, шокирани се од бројката на Албанците што за нив претставува идентитетско загрозување на „македонштината“, односно ќе продолжат со својата мантра дека и на овој попис се продолжува идентитетски инжинеринг на Македонецот што во основа, се разбира, е тешка глупост.
Што сака Мицкоски и Левица? Треба да се направи нов попис, така што според нив резултатите да излезат во корист на Македонците кои се 80%, а бројот на Албанците да биде помал од 20%. Ако до сега не беше време за иронија, сега е вистинско време за тоа.
Мицкоски и Левица направија сè за да ги оттргнат граѓаните да се изјаснат за пописот, па сосема предвидливо беше дека ќе оттргнат голема бројка. Според информациите од Државниот завод за статистика, на пописот не се изјасниле преку 132.000 граѓани: целта на Мицкоски и Левица е постигната.
Ги оттргнаа луѓето од пописот, а денес се бунат зошто Албанците се 29%, и тука влегуваме во националистичка кавга во која јас не сакам да учествувам. Поточно, не сакам да учествувам во нивниот идентитетски инжинеринг, туку сакам таа колосална лага да ја растурам.
Имено, додека пописот во секоја земја е помалку-или-повеќе статистичко собирање на разни типови податоци за граѓаните, овде пописот претставува круциално прашање за опастанок и егзистенција, односно од она „разнородно“ битен е само последниот дел – „родното“ (односно етничкото). Во тоа „родно“ – вресокот на опозицијата е дека македонците се само 58%.
Целиот попис, за волја на вистината, прв пат во овие 30 години се случи со меѓународен мониторинг, а негаторските националистички гласови се тие кои велат: „СДСМ го менува етничкиот состав на земјата“, што претставува комплетна будалштина.
Не, СДСМ не се ја менува етничката карта, туку намерно Мицкоски и Апасиев ги оттргнаа своите гласачи да не се попишат, за во таа констелација Албанците да си излезат, да се попишат, и со тоа да бидат онолку колку што излегоа дека се. Така што, ако некој ја менува етничката карта, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Од друга страна, овие две партии инсистираат на етничка Македонија, а не на карактерот на мултикултуралноста на нашето општество. Оти, знаете како, Албанците излегуваат, и добро е што излегуваат; не излегува само „патриотскиот“ блок и радикалниот лев-десен Апасиев, сите други излегоа на пописот.
Оттука доаѓаат и пораките: „Не е повеќе исто – Албанец е Албанец“, или „Ете, сега ќе ни земат уште повеќе, а ние сè им дадовме“.
На крај, не може никој да ме убеди во спротивното: Мицкоски ќе запослува партиски луѓе во Општините и ќе го форсира наративот од пописот. Ќе инситира цело време контра Албанците (односно против СДСМ и ДУИ), така очигледно, надевајќи се дека ќе ја преземе државата во 2024 година со неговите денешни коалициони партнери направени од сешто: радикални левичари, радикални десничари до фашисти, по тој редослед.
29.03.2022 година
Наместо најубавото, Москва го покажа своето најгрдо лице
Aјде, за почеток, да ги кажеме работите со вистинско име. Прво, да кажеме дека Северна Македонија протерува пет руски дипломати од нејзината територија поради непријателско и недипломатско однесување на туѓа територија.
Државата ги кординира ставовите со Европа и НАТО. Имено, не се работи за никаква „русофобија“ во Северна Македонија, туку се работи за тоа дека Путин изврши агресија на Украина која не е оправдана. И во таа смисла, Владата со ова протерување покажува дека има недоверба кон руските дипломати поради нивното сомнително делување на својата суверена територија.
Од друга страна, повторно бедно и предвидливо, опозицијата за ова прашање има лешперска аргументација; нивната теза е дека ние треба да бидеме „и со едните и со другите“.
Оваа теза е типична за сите „муфљузи“ и „шибицари“ во политиката. Кога бомби паѓаат на глави, кога се рамнат со земја градови, кога мажи, жени и деца умираат, опозицијата ни вели „ние треба да сме и со едните и со другите“. Па, добро, мајку му: каде учеа образование, од чии родители потекнуваат опозиционерите, на каков вредносен систем припаѓаат кога и самите слушаат дека Путин се заканува со нуклерно оружје? Како е возможно да си така бесчувствителен на туѓу страдање? Како е возможно да имате таков „шибицарски“ став!?
Нека речат: ние сме за Русија; или нека речат „ние сме неутрални“, или нека речат „ние сме за Украина“. Не, ништо од тоа. Тие зборуваат така бедно, така одвратно: „ние сме со сите“. Не, извинете, вие не сте со сите.
Што ќе си помислат нашите сојузници кога го гледаат тој опозицонен очај. Што ќе си речат дури и Русите: погледај ги колку се безвезни. Не може во политика – во време на нуклеарна закана – ние сме и со едните и со другите. Такво нешто во политика нема. Па дури и кога се работи за една мала и мирољубива земја како Северна Македонија. Дури и тогаш, не може да се има таков „лешперски“ став.
Од моја позиција на гледање на работите, ставот на опозицијата е беден. Не можам да го прифатам таквиот став. „Ние сме и со едните и со другите“ е став на преваранти и лажови. Тоа како прво.
Како второ, уште поважно: денешната Руска федерација на „своите граници“ има 120 милиони луѓе, на својата Европска граница имено. Од Балтичките републики до Бугарија. И сите тие 120 милиони луѓе немаат позитивни чувства кон Москва. Нема еден човек од тие 120 милиони луѓе што ќе каже една позитивна работа за Кремљ. Прво беше Петерберуг, па Санкт Петербург, а денес е Москва.
Од друга страна, Советскиот сојуз самиот се сруши без ниту еден испукан куршум. И кога ќе сфатиме колку луд, погрешен и наопаку беше тој проект, колку бојазност и недоверба предизвика кај неговите соседи меѓу кои има православни, словени и православни словени, и сите тие луѓе се свртеа против Москва и отидоа на друга страна.
И наместо да се редефинираат самите себе, и да се обидат да почнат поинаку: да се однесуваат према своите соседи пријателски, да ги бришат тие стравови од лудиот 20-ти век, и наместо да го покажат најубавото лице кое Русите го имаат, тие го изгазија под нозе.
28.03.2021 година
Мицкоски не разбира што се случува – вергла и бае како Максим по дивизија
Го слушнав Мицкоски пред два дена на телевизија „ТВ 21“ и добивам впечаток дека се работи за еклектична личност (читај, некохерентност која нема јасен став и идеолошка подлога, туку игра политика како „вјетар пуше, ломи гране“, што би рекол Мишо Ковач во една негова песна): не успева ВМРО-ДПМНЕ да пронајде ниту во својот денешен лидер автентичен концепт за тоа што се случува во светот, во регионот и во Македонија.
Експлоатираат две тези кои килаво ги возат:
1. Владата на Ковачевски не чини (како што не чинеше претходно Владата на Заев која ги расчисти и ги помогна со проекти сите Општини), и број 2.) „Зошто Европа не ги почнува пристапните преговори со Македонија“.
Имаме една константа во првата теза, и имаме прашање во втората теза. И тоа е сè што имаме. А што немаме? Немаме одговор со што тие се алтернатива на СДСМ, и немаме објаснување дали воопшто знаат што вистински се случува во регионот и светот; што се случува во Русија, а што во Украина. Освен што Мицкоски вели дека жали за раселените лица и жртвите од Руската инвазија во Украина, друго ништо реално не кажува.
Секој нормален човек би се прашал: со кого кокетира кога вели дека жали, а со кого кокетира кога не објаснува ништо „со кого е“ и на „чија страна е“? Со Русите или со Американците? Знам, ќе рече дека е на страната на македонскиот народ. Се разбира дека не е и на таа страна.
Ако беше, поинаку и подобро ќе се однесуваше кон својот народ, за почеток, ќе требаша да го разбере следново.
Руската агресија во Укарина ги разбуди стравовите во целиот свет, вклучително ги разбуди и стравовите на Балканот преку „руското влијание“ со својата империјална и геополитичка стратегија која делува глобално.
Едно од тие места е и Балканот во кое руското влијание се покажа како кобно и деструктивно.
Како се конкретизира тоа со пример: до пред само неколку месеци, пред „Путиновите луѓе“ со своите дивизии да навлезат во Украина, единствен излез од оваа ситуација е храбро да се спротивставиме на руската интервенција и на Балканот.
Трајниот мир на овие простори е невозможен додека не разбереме дека не може да има повеќе „големосрпски“, „големоалбански“, „големобугарски“ империјализам.
Да бидам јасен, решението за Западниот Балкан е политичко. Сите овие „големо-национални“ проекти мора да се стават надвор од правниот поредок.
Национализмот како дел од империјалната идеологија непрекинато произведува конфликти и дестабилизација на Западниот Балкан.
Треба да сфатиме дека официјална Москва константно го крши меѓународното право и дека се работи за воени злосторници, и дека е во прашање злосторничка агресија кон Украина. И дека тоа што Путин го работи во Украина, го работеше и Хитлер во Германија.
А Мицкоски што сака нека им зборува на своите гласачи и што тие гласачи во својот конформизам се спремни да прифатат од тоа што Мицкоски им зборува.
Ставот на Путин за Украина, преведен во македонскиот контекст е следен: не постојат Македонци, не постојат Албанци, не постојат Срби, не постојат Турци, не постојат Бошњаци, не постојат Хрвати, па дури не постојат и Бугари.
Што постои преведено со руска терминологија: постојат само Руси. Сите останати се измислени. Тоа е денес пораката која официјална Москва ни ја испраќа.
На крај, ако ова Мицкоски не го разбира, тогаш можам со жалење да претпоставам какви бедници од интелектуалци се во неговото опкружување. Тие етнички интелектуални бедници не се во состојба да му смислат ништо друго освен распадната, скапана и измеќарска пропаганда.
Ако, пак, официјален Брисел и официјален Ваншингтон не разберат дека големо-националните проекти овде не се ставаат надвор од правните поредоци во државите, никаков траен мир на Балканот не е возможен.
А јас да ги слушам играриите на Мицкоски и „симптоматски да го лечам“ во неговите политикантски фрази и флоскули, и тој уште да ми се претставува за алтернатива на СДСМ и Ковачевски, не само што е бедно, туку едноставно е навреда за секој пристоен човек што има два грама мозок во главата.
25.03.2022 година
Ковачевски води добро, а Мицкоски забива автоголови
Утрово го читам премиерот Ковачевски: „Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа“.
Во право е човекот, нема што да му се замери за оваа изјава. Но, ајде да продлабочиме и конкретизираме што е тоа всушност „евроскептицизам“.
Диктатура, драги пријатели. Иста таква – секогаш и секаде – како од времето на Груевски. Евроскептицизам е друго име за диктатура или помодно речено „авторитарен популизам“. Нема тука многу што да се филозофира, (до)дефинира и анализира. Евроскептицизам значи набој за диктатура. И изолација. Погледајте ја Русија како пример, само ќе ви се каже. Сетете се и на Македонија од времето на Груевски, самото ќе ви се каже.
Откако знам за себе, а сè освен себе набљудувам „политички“, антиевропските партии и сите нивни „лабараториски јогурти“, Европа отсекогаш ја протерувале од своите хоризонти на мислење и вреднување како некаква досадна мува со зборовите: „нема да одиме ние за брзо тамо, Европа за нас е премногу далеку, така што нема потреба да се трошиме на тоа“.
Денес голем број на аналитичари, мислители, новинари, практично ги повторуваат мантрите на Груевски. Но, овде, во суштина, се работи за една банална манипулација; друга работа е што нејзината баналност не значи нужно и неефикасност, туку напротив.
Ајде да видиме за што тука се работи, драг мој Вотсоне!
Оние кои ја владееја Македонија во изминатата декада, тој патриотски радикален башибозук, целта им беше Македонија да ја изместат од матичниот континент (а со тоа и од матичната планета); помина извесен број на години, Македонија споро и несмасно се одмотува од тие срамни јасли и несреќи, па од политиката на „малиот, смрдлив и потконтинентален фашизам“, посака самата да се „апдејтира“, да му се прилагоди на некаков бизарен „Новоговор“, а на себе да си ампутира некаков фенси – наслов што го собрала попат.
Сите лудила, пљачки, насилства и закани што им ги пружија бизарните „патриоти“ на своите граѓани, денес со фенси-шменси термин го нарекуваат „евроскептицизам“. А, денес, Мицкоски и Апасиев, не само што се евроскептици, туку се и антиглобалисти. Првиот притаено, а вториот отворено.
Што значи ова во македонски превод: да влеземе вакви какви што сме, и уште да ни се воодушевуваат. Што во дополнителен превод би значело: да не влеземе никогаш, ама тоа да излезе дека ние сакавме, ама душманите не ни дадоа.
Супер, ете ни го новиот разлигавен и самооплакувачки наратив, а може да ни потрае следните десет години, барем додека не смислиме нов!
А што се однесува до Владата и нејзиниот лидер Ковачевски, како и самата владеачка партија СДСМ: тие стојат на истата добра точка во која се најдоа уште од времето на „шарените“ до денес. Преку груевистичката дегенерација, СДСМ денес изгледа сосема пристојно и „нормализирано“. И што е најважно: се грижи за граѓаните. А, по сè изгледа, така ќе биде и натаму.
Попатно, нивниот стратешки и вредносен систем се реформите и европеизацијата, а мене лично сосема ми е неважно кој-од-каде прерипал на нова функција во партијата, сè додека го држи истиот курс на мир, пријателство, плуралност и слобода во најширока смисла на зборот.
Во конечноста, ниту нешто друго сакам од СДСМ, ниту нешто друго од неа очекувам.
А, што да кажеме за оние кои ни дишат во врат, тие кои направија сè Mакедонија да ја оддалечат од Европа („како метафора“, нели?), и кои совршено празно ломотат на телевизиските кутии: Европа е далеку, ние треба да си ги гледаме нашите работи. А кои се тие „работи“ кои ги возат мицковистите и тие патриотски несреќи: блокада, срање, автогол; блокада, срање, автогол.
Ако се само малку чесни: вака треба да им звучи политичката платформа.
22.03.2022 година
Едни нудат решенија, други нудат страв, повторно!
Мицкоски има една стратегија која е типична за сите популистички партии: ги плаши граѓаните од последиците на војната во Украина. Тоа не е ништо ново, иста матрица што ја применува уште од времето на тврдиот груевизам. Претходно беа катастрофичари со корона вирусот, денес се обидуваат од Украинската трагедија да профитираат, а решението на кризата за граѓаните Мицкоски го гледа во личното издигнување.
Сите сме свесни дека ова е незапамтена криза. Неверојатни, бизарни и катастрофични вести стигнуваат „од минута во минута“, луѓето – сосема природно – загрижени се за својата судбина. Единствени кои се смирени од целиот тој хаос, и кои реагираат навремено и одлучно, е Владата на Ковачевски. Работат на се она што е потребно за граѓаните.
Кога се толчат слонови, Ковачевски се обидува да ги заштити своите граѓани. Така беше и во екот на корона кризата: Владата смируваше, потикнуваше вакцинација, а Мицкоски изнесуваше катастрофични сценарија, ги одвраќаше луѓето од вакцинација, и повторно – како впрочем и секогаш – бараше политичка корист за него и неговата тесна врхушка.
Да не заборавиме: државата во време на пандемија беше под страшен притисок, сите се боревме луѓето да се вакцинираат, апелиравме во медиумите или со еден/два збор речено – баравме спас.
Последниве две недели можете повторно да го видите истиот наратив: „во светот е хаос, Владата е катастрофална“, вели Мицкоски. Во исто време инфлацијата ниту дома, а ниту во светот не стивнува. За таа цел, Владата на Ковачевски субвенционира дури 80% од сметките за струја на домаќинствата. Воедно 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија, а 35.000 граѓани од ранливи категории ќе имаат плус 3.000 денари во ваучери за купување основни производи. Минималната плата е веќе 18.000 денари, пензиите доживеаја историски раст, а и платите и пензиите континуирано ќе продолжат да растат.
Како што гледате и сами: сите овие „лајтмотиви“ се потполно применливи последните четири години. Мицкоски во сето свое опозиционо делување јава на кризите кои се перманентни, во голема мера – тоа мора да се признае – сите медиуми му одат „на рака“ и му создаваат предност која му се сервира на тацна, глупаво, бедно и лешинарски. Тој човек нема свест за решавање на кризи, единствено што знае е да се скрива позади демагошките флоскули „на народот му се случува катастрофа“ и слично на тоа.
Од неговите пораки во јавноста кои се апокалиптични, граѓаните под напад на паника, страв и несигурност, почнаа да купуваат храна и прават залихи; од друга страна, поедини продавници останаа без намирници, почнаа да се прават и редови на бензинските пумпи; некои продавници – класично профитерски – почнаа да ги зголемуваат цените за намирници на своја рака.
Неверојатна штета прави Мицковото говорење во јавните гласила.
Нешто кое многу ме загрижува е таквата реторика: кризата се лепи на неговиот популизам за која, и самиот нема никакво излезно решение, а граѓаните стануваат цинични. Мицкоски е опасен, штетен, неодговорен. А знаеме многу добро, стравот и паниката не решава ништо освен што предизвикува уште поголем страв и уште поголема катастрофа.
Само има „една“ олеснителна околност: Мицкоски треба да разбере дека не е ова Германија во триесетите години. Знаеме кои му се намерите. И не му ја голтаме таа преџвакана матрица.
21.3.2022 година
Украина не смее да падне
Кога ги гледам призорите од Украина, кога ги читам изјавите и сликите од разрушениот град Мариупол, кога со голо око ја гледам таа мака и трагедија, сфаќам дека ова е пекол на земјата. Во изјава за „Фајнешнал тајмс“ од локален бизнисмен стои следната реченица: „луѓето се толку гладни што убиваат кучиња за да се прехранат“. За потсетување, Мариупол беше едно од најголемите пристаништа во Украина, а денес е пепелиште, град на духови.
Руската инвазија во Украина не се либи да убива брутално се: мажи, жени, деца, згради, куќи, градинки… Додека обичниот свет се обидува да се прехрани и складира храна, пред нивните глави летаат бомби. Се проценува дека некаде околу 2.500 цивили се убиени од крволочните војски на Путин во градот Мариупол. Има уште едно сведоштво за градот: „Сè гореше, телата на жртвите беа насекаде, а јас само чекорев за да земам зелка и моркови, знаев дека ќе имам храна за моето семејство барем уште еден ден или два“.
Сега, откако известувам за овие работи, во мојата глава се појавуваат слики: до само вчера, за некои деца градот Мариупол беше нивниот дом; космополитиски град, пристаниште; што значи трговија, пазар, солидарност, братство/пријателство меѓу луѓето. Нема цинизам, нема пекол, нема омраза, а има зелка и моркови во изобилие. Има и храна за да се живее.
А мракот, како ситен песок раштркан во Мариупол е производ на крвниците од Кремљ на чело со Путин. Џелатите на војната, како духовни водачи, уринираат по украинските тела. Турбилентни времиња и трагични настани само наизглед се случуваат некому друг, а на овие простори, кајшто луѓето навикнаа да не ги одминува ниедна несреќа, доаѓаат како вести на кого лично никому не му е грижа. Додека неволјата не ни зачука на врата, проблемите се на некои други луѓе и на некои други народи кои немаат врска со нас. Ама рековме: несреќата е како вода во природа – цела е поврзана како океан од несреќа.
Во моите секојдневни комуникации со луѓе, во Македонија не се чувствува рамнодушност. И кога ние обичните луѓе ќе се најдеме насреде геополитичка војна – како што се најдоа граѓаните на Украина денес – без разлика дали „чашата до пола е празна или до пола полна“. Чашата ќе биде скршена. Не се исклучени провокации, кошкања и етнички тензии и тука, во нашата држава.
Од она што читам, гледам дека официјален Вашингтон е на наша страна, како што на наша страна е и официјален Брисел. Сега е на потег Владата. Прво, мора да ги заштити своите луѓе кои се на барикадите: оние луѓе кои се во јавниот простор, оние кои се изложени на перманентен атак од ботовите кои се диригирани од десничарските центри: ВМРО-ДПМНЕ и Левица со нивните подружници. Ние како земја јасно се одредивме за Европа и Запад. Тоа е мнозинскиот дел и потенцијал на оваа земја, а овие две подружници се потенцијална закана за сите. Спремни се на сè само за да се доберат до власт.
И во таа смисла, стратегиите мора да се одвиваа одлучно. А одлучно значи кординирано: рамо под рамо со Вашингтон, Брисел и Северна Македонија со нивните претставништва тука, во Скопје и на целата територија. И најважно – нашите граѓани.
Оти немојте да се лажеме: ако падне Украина значи и војна на Балканот. Уште денес од Белорусија ни испраќаат пораки дека следна после Украина е Молдавија и Грузија. Потоа би имале и воени конфликти на Балканот, потенцијална закана ќе биде Босна и Херцеговина.
Апелирам на будност: ако мечката тропа на една врата, ќе тропне и на друга. Реков погоре: несреќата е како вода во природа, цела е поврзана како океан од несреќа.
Ненад Јовановиќ