Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ќе престојува во работна посета на земјава, а во рамки на посетата ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски.
Мишел ќе оствари средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да стане збор за новата методологија за почеток на преговорите со Европската Унија.
Методологијата се очекува да се објави во првата недела од февруари, а првично Европската комисија планираше таа да се објави на крајот од месецов.
Собранието ќе ја одржи 126. Седница, а ќе се одржат и три седници на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа за Предлог-законот за урбанистичко планирање, кој е во второ читање, а на дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност се предлог-измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог-измените на Законот за јавни собири, двата во второ читање.
Двата закона за кои ќе расправа денеска Комисијата за одбрана и безбедност се ставени на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.
Претседателот Стево Пендаровски ќе го отвори симпозиумот „Улогата на образованието во глобалниот мир и одржливиот развој“ на кој ќе присуствува и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска ќе ја посетат компанијата „Даути комерц“ во општина Сарај.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ќе го посетат средното училиште „Никола Карев“. (10:30)
Претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со ИПАРД инфо карванот за Мерка 3 на средба со граѓани на Градско и околината.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе го презентира третиот јавен повик за финансирање на истражувачки проекти во основните и средните училишта „Предизвик за млади истражувачи 3“ кој се спроведува во соработка со МОН. (простории на ФИТР, ГТЦ, кат 1/10:00)
Во просториите на УКИМ пак, ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе ја одржи 2-та јавна седница.
Прес-конференција ќе одржат и Цементарница „Усје“ како и Младинскиот форум на партијата Алтернатива Скопје, Здружението на граѓани за ретки болести, а изјава ќе дадат група делегати од општинските здруженија на глуви и наглуви лица
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје на средба со новинари ќе ги презентира наодите од мониторингот на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира свеченост по повод одбележувањето на кинеската Нова година.
Во областа на културата пак, Националната опера и балет ќе ја изведе операта „Евгениј Онегин“, ќе се одбележат 20 години архив БузАр 2000–2020 и промоција на документарното видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски, додека Скопскиот џез фестивал организира традиционална јануарска годишна забава на која ќе бидат промовирани новите календари на СЏФ за 2020 година, а со своj настап ќе се претстави триото на џез-гитаристот Сашо Поповски.
Во рамки на третото издание на интермедијалниот фестивал „ArtArea“ ќе бидат промовирани романот „Пропаст“ од бугарскиот писател Владимир Зарев и романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска.
Од спортските настани издвојуваме дека најпознатиот македонски ракометар Кирил Лазаревски ќе го отвори Меѓународниот младински ракометен турнир КЛ7 2020, а почнува и 11-тото издание на Меѓународниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески.