21.06.2022 година
Зарибана револуција
Кога ги слушам гастро-револуционерните фрази на Мицкоски од типот „нѝ се случи народ“, првото sвонче во главата ми вели: „кога се случува народ, неволјата доаѓа“. За волја на вистината, ништо значјано не се случи. Мицкоски метафизицираше безвезни пораки, деидеологизирани, со слаб дух и многу ароганција. Ах, колку типично и досадно.
И добро, беше митингот на Мицкоски и неговата клиентела, „се случи народ“, а знаете како одат работите со народите, тој, значи народот, не гледа многу „како“ и со „кого“, не гледа ниту „кому“ ќе му се случи… Оди народ тамо кадешто ќе му речат, ако му речат „народе, тука мавај“, што да прави кутар народ, мава; aко му речат, „народе, не тука, сега таму“, оди народот таму… Народ, брате, оди таму кадешто му е волја и прави што му се ќефне? Јок, море, не прави народ така. Ајде да видиме што прави „вистински народ“.
Мицкоски во својата партија има „етнички народ“, таквиот народ разбира единствено „етничка демократија“; од митингот на Мицкоски се гледа таа „инфлуенца“ на тромавост, некреативност, неталентираност; таква „мајка која те цица“ треба да ја замени постоечката политичка понуда со „вистинскиот народ“ на Мицкоски? Луѓе коишто се уценети со својата работа мене ми се претставуваат за народ што треба да го сруши постоечкиот режим. Или попластично да се изразам: Мицкоски ќе бил алтернатива на СДСМ и Ковачевски? Вие мора да се шегувате!
Мицкоски генерира „народ“ единствено заради нерешениот спор со Бугарија, таа патерица е негова последна шанса да се добере до власт. Не се буни народ затоа што е нарушен социјалниот мир; не се буни народ затоа што е под репресија од постоечкиот „режим“; не, ништо од сето тоа. Мицкоски мобилизира затоа што тој, а богами и неговото членство разбираат единствено „партиски плурализам“ и монизам. Толку ја сфаќаат и самата демократија. Нивните протести се исклучиво за освојување на „воениот плен“ (власт разбрана како воен плен): бесплатни телефони, службени возила, тендери „во четири очи“, ручеци и купишта други привилегии. Сето зачинето со многу, многу страв и закани. Така овие луѓе ја разбираат демократијата. Неслучајно од говорот на Мицкоски цело време провејува неговото „јас“, „јас“, „јас“. Приметив дури една комична опаска: „народе, јас се борам за вас, дајте ми ја поддршката. Ќе ве спасам“, или така некоја слична опсценост.
Со месеци предупредувам на отровна хистеризација на јавниот дискурс која е вешто е поврзана со „нерешениот договор со Бугарија“ – таквата нерешеност предизвикува насилство, а потоа неминовно го влече поредокот во декаденција, хаос и неможност да се согледаат со „врело срце и ладна глава“ сите проблеми кои треба да се решаваат во иднина. Ова може да ви заличи на „веќе видено“, на мрачниот период од ерата на Груевски, и нема да погрешите во заклучокот. Од друга страна, Мицкоски ги отпушти од ланци сите „бесни кученца“, целта е да се плука сè и да се предизвикува апокалипса во јавниот дискурс. На таквата хистерија и „нерешениот проблем“ со Бугарите, Мицкоски очекува власт.
Еве ви еден практичен симптом: на ден или два после митингот, обиена е канцаларијата на реномираната невладина организација „Цивил“. Што има во „Цивил“ за да се краде? Има слободни граѓани, борци за човекови права кои – користејќи ги своите уставно-загарантирани слободи – зборуваат и делуваат во општеството. Влегле, имено, сурија од насилници и направиле штета во нивните канцаларии. Не сугерирам ништо и на никого, само посочувам еден практичен пример: кога се случува народ, нужно се случува и срање. Таквото поведение не само што е неевропско, туку е антицивилизациско.
Од друга страна, сакам јасно да речам: не сум параноик ниту сум вљубеник на „теории на заговори“, само размислувам логично: работите стануваа сериозни, а обивањето на канцаларијата на „Цивил“ е тест. Ако им пројде, Македонија за брзо ќе влезе во хаос. Значи, да завршам. „Цивил“ е Македонија, а Македонија не им припаѓа на Мицковци многу повеќе од мене и тебе, без разлика што тие мислеле за тоа. Оти, мајка му, зарем повторно ќе им дозволиме на најлошите да бидат најгласни, а нормалните да бидат „куш“?
23.06.2022 година
Мора да продолжиме да разговараме со Бугарите, во спротивно, влегуваме во пеколот од кој нема надвор
„Францускиот предлог“ во земјава се претстави како сериозен шамар. Очигледно е дека ние трошиме силна енергија на работи кои не можат да бидат предмет на расправа. Гледајќи ги дебатите на медиумите за предлогот на Французите, тие не водат кон ништо, освен што водат кон понатамошно масакрирање на европската интеграција на земјата, при што, сосема е јасно, мирот во овој случај е претставен како војна со други сретства.
Тоа, во овој контекст, претставува единствена идеологија, во голема мера исфорсиран од радикалните и антиевропски сили во Бугарија, а Европјаните, барем до сега, таквата идеологија ја толерираат. Ако вака изгледа „политика на помирување“, мора да бидам крајно отворен, вака работи политиката на Кремљ. На што ја темелам оваа теза? Ако вака изгледа „политика на помирување“, каде што првиот сосед ќе го негира твојот идентитет и јазик, не треба да биде човек голем мудрец за да се присети што Путин зборуваше за Украина пред да ја нападне воено.
Што, имено, рече Путин? Рече дека Украинците се создадени од Руси. Конкретно, Украинците ги створил Владимир Илич Ленин, па уште им придодаде и некои традиционални делови од Русија. Понатаму, рече и тоа, „Украина не е само сосед на Русија, туку, всушност, тоа е Руска земја, а украинците се одродени, преобразени Руси. Тоа, пак, што не е Руско, вели Путин, украдено е од Германиците. Украина, вели Путин, не постои. Украинците не постојат, тие ја преземале верата и идентитетот од Руските непријатели. Путин ги повика Украинците повторно да се вратат на своето, а тоа е да станат Руси. И сега, не треба да сте паметни за да соберете два и два, нели?
Денес, истата работа се случува помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Денес ни се негира идентитетот, јазикот и историјата од нашите први соседи, Бугарите. Кампањата за таквата „политика“ засега се одвива на медиумите, што во некоја первертирана варијанта е добро. Подобро лудило на медиуми отколку во реалноста.
Војната од 1992 година, на некое симболично ниво, се уште не е завршена. Да се присетиме, Србите на Хрватите им велеа дека не се Хрвати, туку дека гранците на Хрватите ги измислил Јосип Броз, а другото убедување им беше дека тие не војуваат против народот, туку против усташите. Само еден мал пасус треба да не поучи што се правеше тогаш меѓу србите и хрватите, само мал пасус треба да не поучи што рече Путин за Украинците, и само мал пасус треба да не поучи што денес ни говорат Бугарите. И што знам, веројатно не е ниту ова комплицирано за да се сфати дека работите се крволочни кога ќе се противстават два опаки национализми?
Ама исто така знаеме нешто кое е многу полошо и нешто кое на интезивен начин ја растура нашата човечност, а тоа е војната. Знаме исто така дека во првото „соседство на пеколот“ никој тука ништо не разбира. Затоа што го нема тој Германец, го нема тој Француз, го нема тој Американец, па го нема дури ниту Пољакот и Чехот, кој би знаел да каже што значи да се одрекнеш од Укаринецот затоа што е Укаринец, да се одрекнеш од Србинот затоа што е Србин, да се одрекнеш од Македонецот затоа што е Македонец. Освен тоа што човек многу повеќе станува тоа кое му го оспоруваш во неговиот иденитет, и почнува да му станува сосема ирелевентно и тоа што во себе има некој плус идентитет освен тоа што е Украинец, Србин или Македонец. Ужасот на неговото расчовечување станува нешто трајно кое ќе го обележи за целиот живот, засекогаш раздвојувајќи го од останатиот свет.
Ова го зборувам од лична позиција: ништо така мојата општественост/ангажираност не ја обележи како што ја обележи кампањата „за Другиот“, а таквата кампања трае и ден денешен. Многу ми е лесно да речам дека не сум „чист“ Македонец, затоа што сум дете од мешан брак, јас сум и Македонец и Србин, а најчесто сум само човек, без некоја силна етничка арбитрарност. Добро, Македонец сум, ама можев да бидам и нешто друго. Ама разбирам кога некој му го негира неговиот идентитет, неговиот јазик и сеќавање. И тоа е монструозно, бесчуствително и не воведува во „пеколот на другоста“.
Тие идентитети, драги мои пријатели, мислам дека ниту Шолц, а богами ниту Макрон, не ги разбираат до крај. А почнувам да мислам дека тоа не го разбираат ниту нашите сојузници преку барата. Тоа што е важно за нас и нашиот национален интерес: решението да го бараме со Бугарите. Северна Македонија да го бара решението преку активен дијалог и разговор. За нас нема друго. Во спротивно, влегуваме во пекол од кој нема излегување надвор. Влегуваме во пеколот „за другиот“, и ако на тоа ставиме кинески sид, немам сомнеж дека тоа ќе биде за нас пекол во најчиста форма.
24.06.2022 година
Вие знаете, јас знам, со кого ќе ѝ биде подобро на оваа земја
Кризата во Бугарија предизвика бурни реакции во земјата, регионот и Европа. Точно е она што го рече Еди Рама, цитирам по сеќавање: „Бугарија ја киднапира Северна Македонија и Албанија“.
Имено, оваа криза со Бугарија е вештачка, што значи е индуцирана и неприродна, на неа, пак, влијаат „проруски“ центри на моќ кои не сакаат овие две земји (Македонија и Албанија) да ги видат ниту во наводници дека почнале пристапни преговори со Европската унија. Ајде да видиме како се создава вештачка криза пред сè кај нас дома.
Во првата приказна ги имаме ама баш сите состојки кои за криза ни се потребни: прашањето за „националниот идентитет“ и на тоа уште неколку остро спротивставени наративи.
ВМРО-ДПМНЕ кога зборува за „загрозен национален идентитет“, мисли исклучиво на пари и враќање на власт, тоа е едниот наратив; во другиот наратив ја имаме СДСМ и Ковачевски кои уште од самото доаѓање на власт (четири години на Заев, а половина година Ковачевски), се обидуваа(т) со сите сили да ја сменат парадигмата во земјата на начин што од „задрогази“ националисти ќе исчекориме во мир, пријателство и добрососедство.
Ќе прашате, како изгледа тоа во практична смисла? Па, убаво. Кога ВМРО-ДПМНЕ мисли на „националниот идентитет“, тие пред сè мислат на државните пари, потоа мислат на господарење со институциите, па господарење со културата, па господарење со јавните простори, и на крај – господарење со самиот живот и смрт. А, што? Вие мислите дека тие нешто разбираат од историја, идентитет и јазик? Ви се молам, па половина од нив пишуваат со КАПС-ЛОК, а другата половина анонимно блуе на социјални мрежи со истиот КАПС-ЛОК. Нејсе.
Кога СДСМ, пак, мисли на „националниот идентитет“, таа мисли на македонскиот, ама мисли и на сите други идентитети кои не се македонски; мисли на албанскиот, турскиот, ромскиот, влашкиот, српскиот… Еве, дури мисли и на бугарскиот, мисли и на хрватскиот, мисли и на црногорскиот. Кога е СДСМ на власт, таа мисли на „националниот идентитет“ како на универзална вредност, а кога е ВМРО-ДПМНЕ во прашање, на идентитетот мисли страшно партикуларно, мисли страшно глупаво и мисли исклучиво интересџиски. Мисли исклучиво на пари, браќа и сестри, што има сега да се лажеме. Пари за кои десетина луѓе ќе одлучуваат, а другите ќе бидат „куш“.
Или може вие мислите дека покрај идентитетот мислат и на демократијата, на малцинските права, на човековите права, или вие мислите дека тие мислат на индивидуалните права на единката, на слободата… Може вие мислите дека тие мислат на Џон Стујарт Мил? Не, не мислат, тоа за нив е премногу апстрактно.
Зарем се уште оваа лекција на ја научивме?
Димната завеса околу приказните за „националниот идентитет“ на Мицковци во суштина е длабока неспособност, безидејност и незнаење да смислат нова парадигма (или корнтрагруевистичка парадигма) за односот кон соседите, да го спуштат хистеричниот национализам за некоја октава подолу, и да почнат да ги преобмислуваат своите животи и животите на своите гласачи на еден норамален и питом начин. Во спротивно, ваквите наративи можат да нè доведат до загрозување на самиот безбедносен поредок во земјата и регионот.
Верувајте, тие луѓе имаат капацитет за такво срање ако не се врзаумат. Уморен сум, драги мои, од празното ломотење на овие теми: на секој еден што предолго живее во оваа земја јасно му е се, а оние другите ионака живеат во паралелен универзум на своите фантазми од каде никој жив не може да ги извлече на светло на денот.
Од друга страна, не е грешка ако повториме чисто практично, што направи Заев, а денес и Ковачевски?
Ја свртеа парадигмата, покажаа дека ние сме капацитетни и можеме поинаку и подобро. Покажавме дека како мала земја, можеме да се носиме и со поголемите од нас, помоќните од нас, можеме да се носиме рамо до рамо и со оние држави кои имаат подолга демократска традиција од нашата. Покажавме дека како македонци, како турци, како срби, како албанци, дека сме подобри од она што бевме пред тоа. Покажавме дека сме луѓе, дека знаеме да помогнеме, да решиме спорови, секогаш тешко и мачно, ама никогаш злонамерно, гадно и страшно себично. Секогаш широки, питоми и добри. А знаеме и да стегнеме, да се скараме, да ги отераме во мајчина оние за кои ги сметаме дека се опаки, злонамерни и себични. Знаеме, го видовме тоа милион пати до сега. Подадовме рака на сите, човечки и европски. Ако тоа не е менување на парадигмата, тогаш тие кои мислат обратно се во тешко бунило.
Заев и Ковачевски ни покажаа дека можеме поинаку, ни покажаа и се уште ни покажуваат дека ние сме подобри, поинакви и европски. Дури и кога ќе го отераме во „шпирови ораи“ еден Макрон, тоа сме го направиле не од безобразие, туку сме го направиле заради нивната европска непринципиелност. Им верувавме, а и денес се уште веруваме во нивните вредности. И само бараме и тие да веруваат во вредностите на кои почива Европската Унија. Тоа е се.
Да се биде човек со „идентитет“, значи да се поседува лична автентичност. Или со други зборови, идентитет кој во разумна и човечка смисла може да се доживее како „вистински“/„реален“. Да се живее слободно, да се зборува и да се изразува слободно, токму тоа значи да се биде автентичен и да се поседува личен идентитет. И тоа помалку или повеќе секогаш значи помалку или повеќе „културолошки“, јазично, алфабетски, обичајно, прехрабрено и секаков друг „crossover“, оти „чисти“ идентитети и јасно раздвоени идентитети никогаш и немало, а посебно ги нема денес во овој глобално-смален, вмрежен и измешан свет.
Чист идентите нема никаде, освен во фантазиите на стерилните, етницентрични умови, а ова посебно значи за тоа парче кое се нарекува Европа, па уште повеќе значи и за тоа парченце земја кое се нарекува Балкан, кајшто на два-три-часа се насобрале разни идентитети кои ни самиот Господ не може да ги раздвои…
Ќе ни биде многу подобро со Заев, односно со Ковачевски. Вие тоа го знаете, јас го знам тоа.
Ненад Јовановиќ