Вчерашниот протест против францускиот предлог под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“, помина со насилство, фрлање предмети, камења по Владата и Собранието, говор на омраза, и навреди, повредени се 47 полицајци, а како што може да се види на видеото насилник напаѓа амбулантно возило кое превезува повреден полицаец.
Повредени 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди во вечерашниот јавен собир на подрачјето на СВР Скопје, кој започна во 19 часот, продолжи пред Министерството за надворешни работи и заврши пред Собранието на Република Северна Македонија околу 22.30 часот, соопшти Министерството за внатрешни работи на полноќ, неполни два часа по немилите настани.
Притоа, констатирани се повеќе нарушувања на јавниот ред и мир, како што соопштија од МВР од страна на демонстрантите, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, молотови коктели, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници кои вршеа службени дејства обезбедувајќи ги државните институции.