Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, повтори дека ЕУ го осудува рускиот закон за странски агенти, овој закон денеска одбележува десет години постоење, јави дописничката на МИА од Брисел.
Борел преку изјава порача дека овој руски закон, потпишан од страна на Владимир Путин на овој ден пред 10 години, претставувал прв чекор кон нови закони потоа за заплашување и замолчување на критичките гласови во Русија. По законот за странски агенти во Русија е донесен закон за непожелни организации во 2015 и закон за лажни вести во 2022.
-Законот за “странски агенти“ еволуираше низ годините и продолжува да се елаборира за дополнително да ги таргетира и значително да ги ограничува правата на одредени групи во општеството, вклучително невладини организации, нерегистрирани јавни здруженија, медиуми, новинари, активисти и бранители на човековите права, изјави Борел.
Со овој закон Русија ги прекршува обврските преземени во рамките на меѓународното права за гарантирање на човековите права и темелните слободи на нејзините граѓани, смета ЕУ.
Дополнително со војната во Украина, на граѓаните на Русија уште повеќе им се ограничува слободата на изразување, вели ЕУ, како на пример преку законот за лажни вести.
-Европската Унија силно ги осудува систематските обиди за внесување страв и наметнување репресија врз граѓанското општество, независните медиуми и демократската опозиција во Русија, рече шефот на ЕУ дипломатија, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да им пружа помош на овие групи.
ЕУ ја повика повторно Русија да ги почитува обврските кои произлегуваат од меѓународното право.