Лидерот на рускиот регион Чеченија, Рамзан Кадиров најави дека планира да земе „неограничена и долга“ пауза од својата функција, пренесува британски Телеграф.
Тој владее со Чеченија од 2007 година и е лидер со најдолг стаж во тој руски регион.
Сфатив дека веќе долги сум на функција. Мислам дека дојде моето време (да ја напуштам власта), објави 45-годишниот Кадиров на Телеграм.
Кадиров, кој е близок со рускиот претседател Владимир Путин, не наведе што ќе работи откако ќе се повлече од функција.
Чеченија под негово владеење е обвинета за масовно кршење на човековите права.
Кадиров во март наводно отпатувал во Украина, а има тврдења дека членови на неговата борбена полиција се борат заедно со руската армија.
Украина поднесе обвинение за воени злосторства против Кадиров
На 26 август, Службата за безбедност на Украина (СБУ) поднесе обвинение за воени злосторства против Кадиров.
СБУ на социјалните мрежи објави дека собрала „безусловни докази за воените злосторства извршени од Рамзан Кадиров“.
Покрај лидерот на Чеченија, собрани се и докази за воени злосторства извршени од заменик-шефот на одделот на руската Национална гарда за Чеченија Даниил Мартинов и еден од командантите на Националната гарда Хусеин Межидов, тврдат од СБУ.
Ј. Ѓ.