ЏАБИР ДЕРАЛА
Армијата одржа показна вежба со новите оклопни возила, американските JLTV Oshkosh. На вежбата, се подразбира, беше министерката за одбраната, Славјанка Петровска. Освен министерката и луѓето од врвот на Министерството за одбрана, присуствуваа и високи државни функционери како претседателот на Собранието, Талат Џафери и членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Но не сите. Опозицијата го бојкотираше и овој настан. Совршени во бојкотирањето… Буквално сите ставки во државната агенда мора да се бојкотираат!
Уште еден мал, но „херојски подвиг“ на Ковачки и останатите лузери. Треба да се мачиме околу прашањето што сакаат да кажат со овој гест? После сите блокади, бојкотирање и закани, вклучително и на Дафина Стојановска дека ќе се измоча на говорницата?
Што и да сакаат да кажат, многу е јасно што произлегува од оваа постапка:
Не ја почитуваат сопствената земја. Ниту парламентот од кој го печалат својот „политичарски леб“ не го почитуваат, а со тоа ни граѓан(к)ите што ги претставуваат. Бојкотирајќи го настанот, покажуваат дека немаат почит ни кон институциите на државата, како што е Министерството за одбрана. Уште полошо, изразија и непочитување кон Армијата. Таа униформа ја носеше и самиот Ковачки кој од млади години јадеше војнички леб, но „дезертираше“ во политиката. Којзнае, можеби им пречи и тоа што возилата се американски…
Текстот е коментар, личен став на Авторот.