Сè што се зборува за денешната средба со в.д. претседателот на Алијанса Албанците, Арбен Таравари и за влегување на партијата во Владата, е во делот на шпекулациите, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Денешната средба со господинот Таравари е продолжување на лидерската средба, која ја имавме во текот на изминатиот период со претседателите на сите парламентарни политички партии. Планирам во наредниот период да одржам поединечни средби со сите политички партии застапени во Парламентот, со цел да продолжиме да разговараме околу одлуките кои треба да се носат за европската иднина на државата, а за кои е потребен широк политички и општествен консензус, изјави Ковачевски во одговор на прашање по потпишувањето договор со турската компанија „Текнопанел“ за инвестиција во ТИРЗ Скопје.
На средбите, додаде премиерот, ќе се разговара и за законските решенија кои треба да се носат во Собранието кои се од економски карактер, во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза во државата.
– Особено ќе стане збор за делот од законите кои се блокирани во Собранието, што најмногу се однесуваат во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската криза, укажа Ковачевски.
Во интервју за Фронтлајн.мк, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари пред денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски истакана дека ќе стане дел од власта доколку се исполнат три услови. Како најважно Таравари истака дека бара гаранции дека нема да има предвремени парламентарни избори пред 2024 година. Како втор услов до Ковачевски, лидерот на Алијанса ќе побара самостојност, односно автономност во одлучувањето во ресорните министерства што ќе ги добијат… И како трето барање, е да има динамика тоа што ќе се договорат да се применува во пракса.
Тој не кажа кои министерства ќе ги бараат, туку истакна дека без разлика кои министерства ќе му се понудат сака да покаже дека може добро да ги менаџираат и да бидат во служба на граѓаните.
Како пример го наведе периодот кога беше дел од власта, односно министер за здравство и за кус период имаше значителни реформи во секторот.
На прашањето дали ќе се нафати да го води министерството за здравство, Таравари кратко одговори – „зошто да не“.
Тој додаде дека се партија со 8 пратеници и очекуваат соодветни ресори со кои што ќе раководат, но нема да се согласи да водат т.н „министерсвта за бурек“.