САШО ОРДАНОСКИ
1.
Пропозицијата на македонскиот политички модел е релативно едноставна равенка што се темели врз теоретската и практичната разлика помеѓу патриотизмот и национализмот: колку повеќе граѓани, во политичка смисла, пред сѐ, ќе се чувствуваат лојални кон државата и нејзините институции, толку помалку граѓани, пред сѐ, ќе ја ставаат својата етничка припадност како примарен принцип на политичка лојалност. Тоа го зачувува уставното унитарно уредување на државата и нејзиниот либерално-демократски карактер, каде индивидуалните права се највисоко заштитени низ функционирањето на правната држава, со негување и унапредување на културните колективни идентификации.
Трикот во горниот куп зборови е во тоа државата да е привлечна за мнозинството нејзини граѓани без потребата тие својата национална припадност да ја мобилизираат како примарен начин за политичко делување. Останатото е прашање на стандардните демократски политички малверзации и надмудрувања.
Ова, воедно, е и најкраткиот опис на повеќето реформи на кои инсистира ЕУ за да се интегрираме во неа. Направете пристојна функционална држава за вас, самите – велат од ЕУ – еве ви и пари и стручна помош и редовен мониторинг и сет од стандарди во која област сакате, а после е лесно да влезете во Унијата…
Долг и валкан се покажа тој процес, во којшто не знаеш низ годините кој кого повеќе фолира и изневерува, дали ние нив или тие нас. Има во тоа многу двојни стандарди, неисполнети ветувања и обострано лицемерие. Во Македонија (особено меѓу етничките Македонци) расте ставот дека „Европа е курва“ и „американска пудла“ и дека е можеби време да… Никој не знае точно што, ама нешто цинично.
2.
Во Македонија, кога се ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во прашање, во принцип и во „нормални“ демократски времиња, на власт на избори доаѓа онаа партија која ќе успее да се обрати кон 150-200 илјади гласачи кои не се нивни партиски членови. Тоа се луѓе (има такви и низ партиските членства, се разбира) со релативно подобро образование и подобар социјален и професионален статус од просекот (тоа се денеска навистина релативни категории!), граѓани кои поседуваат повисок степен на „критичка свест“, негуваат помалку клиентелистички врски кон власта (кој и да е на власт) и чиј примарен извор на информации за светот и векот не е, да речеме, Фејсбук, а ни отровот по партиските портали.
Повеќето од нив не би можеле да се опишат како наклонети гласачи кон ВМРО-ДПМНЕ, а ако веќе излезат на гласање, поголем дел од нив гласаат за нешто од понудата на СДСМ. Кога имаат причина за незадоволство, од протест, не излегуваат на гласање, што е од корист на ВМРО-ДПМНЕ. Поретко прават и масовно „гласачко казнување“, како, на пример, во случајот со колективното изборно самоубиство наречено „Данела Арсовска“, со право предизвикано од аберацијата „Петре Шилегов“. Разбирате што сакам да кажам.
Иако денеска во идеолошки рамки веќе сѐ се чини релативно и на глобално ниво, но добар дел од овој политички слој на македонското граѓанство, кој бројчано од година во година се намалува, би можел да се окарактеризира како дел од „либерална Македонија“. (Да не тормозиме сега со долги и широки споредбени теоретски типологизации, молам.)
Овде „либералната агенда“, пак, никогаш не била формулирана од помалите партии и особено не од оние кои во насловите ги имаат зборовите либерализам и/или демократија – тие, всушност, отсекогаш биле крипто-националистички партиски формации главно за дневнополитичките коалициски курентности на нивните партиски раководства. Всушност, барем на зборови, од „малите“ партии, веројатно она за што „теоретски“ низ годините се залага Мендух Тачи (sic!) е најблиско до некаков опис на либерализам во нашите мултиетнички политички околности… (Шуш! Смалете доживување!) Барем додека теоријата не ја сретне практиката.
Вистинската либерална агенда во Македонија отсекогаш била во оперативна „надлежност“ главно на СДСМ, иако и таму постојано била во вредносно и мислечко малцинство. Тоа е така бидејќи голем дел и од членството во СДСМ често се покажувале како растревожени македонски националисти во полната смисла на таа идеолошка припадност, иако со помали нијанси на примитивност отколку во фракциите во ВМРО-ДПМНЕ. Па, сепак, факт е дека либералните структури во СДСМ успевале да „удираат“ и да се наметнат над нивната фактичка бројност и „боксерска категорија“, особено во раководството на партијата и особено во клучните историски моменти кога тоа било потребно. И тоа секогаш со адекватна поддршка од непартиското, либерално граѓанство, низ медиумите, во академските кругови и во невладините организации од редовите на оние 150-200 илјади „поливалентни“ гласачи.
Тоа е, на кратко, наративот на македонската тридецениска евро-атлантска мултиетничка мобилизација, во која патриотизмот успевал да го победи национализмот, со сите познати триумфални подеми и трауматични падови (некои од нив на работ и од самиот опстанок). Лајк ит ор нот.
Некој ќе каже, види, будала, во време на револуции на интернет, социјални медиуми, пост-вистини и глобални информативни манипулации и конспирации, редефинирани политички партиципации и активации, пандемии, со ужасите на растечката сиромаштија на нео-либералниот капитализам и инстант онлајн трчимочај милијардерите – овој зборува за олд-тајм идеологии, минатовековни идеи и мобилизирачки политички наративи… Да, за тоа би можело да се расправа до недоглед, но јас и понатаму би тврдел дека иако технологијата (особено информативната) ги детонираше старите идеолошки матрици и ги редефинираше „книшките“ мантри за јавните добра (култура, знаење, одговорни медиуми, образование, еднаквост, бла-бла-бла…), самите политички идеи за „отвореноста“ или „затвореноста“ на општествата се, во основа, исти, како технолошки и да ги „препакувате“ и дигитално да ги дистрибуирате. И така натаму.
А така наваму, денес либерална Македонија може да се прогласи „за умрена“. Најмногу затоа што либералниот наратив во СДСМ – тој некогашен агенс на македонскиот современ општествено-политички прогрес – е или сосема маргинализиран или само формално евро-реформаторски присутен. Јавниот наратив на таа партија е преплавен со кукумјавките по македонската историја, со „натпреварот“ во заштитата на „националните македонски интереси“ и патетичната трка по меѓународни „гаранции“ дека јазикот-па-јазикот-па-јазикот ни е издлабен во каменот на вечноста… Како морски прасенца трчаат без крај на вртелешката во стаклениот националистички аквариум.
А, во меѓувреме, имаме најлошо образование во Европа, увезуваме над две-третини од храната што ја јадеме, на клиника ни пломба не се става без врски, обични градски кружни текови се градат меѓу 12 и 24 месеци, обвинителите уредно се бираат по партиски директиви, а единствениот концепт за напредокот на нацијата е сведен на трката по инвестиции во сончеви колектори… Важно јазикот го одбранивме! На кој зборуваат сѐ помалку луѓе во државата!
Што така?
Па, на крајот, поголемиот дел од проблемот се сведува на луѓето…
3.
Отприлика пред две години се обидов Зоран Заев, во интервју за „Утрински брифинг“, да го распрашам за „структурниот“ кадровски потенцијал во тогашниот СДСМ – според старата изрека дека единствената политика е, всушност, кадровската политика – што произведува проблеми кои значајно придонесуваат за кастрирање на македонската либерал-демократска агенда и нејзина дил-ориентизација (во поширока политичка и најтесна бизнис смисла, слично на Груевски). Се разбира дека Заев точно знаеше за што станува збор, но како да му беше предоцна самиот да ја доведува во прашање сопствената оставина (во која, нота бене, и клучните неколку успеси се загрозени од многуте потфрлувања). Таа комплексна и возбудлива заевистичка прикаска заврши како што заврши, но ни денеска кадровско-идејните состојби во таа партија не изгледаат битно подобро.
Имено, во моментното врвно раководство на СДСМ – во кое во претседателството, Извршниот и Надзорниот одбор, има околу 35 луѓе – професионално преовладуваат десетина економисти (од разни бизнис-административни насоки), 7-8 правници/адвокати, 5-6 доктори и 3 инженери… Има и еден архитект, еден англицист и еден математичар. Тоа е тоа. Ниту еден кој би можел да биде обвинет дека разбира политичка теорија, историја, дипломатија, филозофија, земјоделие, географија, спорт… Т’нко и за култура. Речиси ниту еден што доаѓа од приватен (производствен) сектор… Да, лично познавам неколкумина одлични професионалци меѓу нив (ги има и повеќе), но, на пример, би се обложил дека НИКОЈ од нив (добро, ајде, можеби еден-двајца) во животот не влегол во банка да преговара и да го заложи сопствениот имот како хипотека, а потоа и да отплаќа кредит за сопствена бизнис-инвестиција и да подели плата на вработените секој први во месецот. Во просек, осум од десетмина од нив цел или поголем дел од животот се на некој вид државно администриран буџетски приход, макар и странски.
Кога на овие статистики би ги додале и десетината-дваесет врвни државни функционери од СДСМ, впечатокот ништо битно не се менува, напротив. Претпоставувам дека е слично и со пратеничката група во Собранието (булук од доктори, правници и бизнис-економисти, еден убиствен демократски коктел), а веројатно и со партискиот Централен одбор (123 членови), но со оглед на нивната идеолошка партиска релевантност, времето овде е драгоцен ресурс за аналитичко-читателско губење.
Своевремено, пак, во таа партија, како-така, функционираа некакви консултативни тела (комисии ли, како веќе ги викаа) во кои седеа и непартиски експерти по разни проблематики и дебатираа за важни општествени прашања. За тоа колку тие тела биле слушани од тогашните партиски раководства може да се нагаѓа – низ „политичките школи“ по скопските кафеани, во една течна агрегатна состојба, тие дискусии често добиваа легендарни полемички димензии и бројни публични одеци – но и таа внатрепартиска динамика со години, освен ако не е во прашање врвна конспирација, ја нема.
Понатаму, да не е уважениот архитект Мишко Ралев, кој има 61 година, плус уште два-тројца со педесетина години старост, сите други врвни сдсмовци се триесет-четириесет годишници или помлади. 90% од нив или не биле родени или биле во многу куси пантолони и сукњички во клучните години на осамостојувањето на оваа држава. Југославија ја помнат од Википедија и од ломотењата по Фејсбук или од поп-рок песните што уште се пеат по слави, свадби и мекици. Се разбира, младите се сечија иднина, ама и познавањето на контекстите и „биографиите“ на проблемите не е лошо за нивно решавање.
Со други зборови, кој е капацитетот на овие луѓе во СДСМ за производство на политички и идеолошки наративи? И какви? Макар и во – или особено заради нив – овие кризни, „бербатни“ години во кои, чиниш, само преживувањето е најважно?! … Колективниот капацитетот макар и да ги разберат низата од општествените проблеми (освен од бизнис-економска насока) им е мал. Главно мислат дека е тоа проблем на ПР, сѐ е сведено на „односи со јавност“, и со тој „чекан“ ја коваат секоја „шајка“ за којашто немаат подобар одговор. Сега, на пример, мислат дека само треба да се врати владиното финансирање на медиумите и проблемите („ерга омнес“) ќе бидат волшебно решени.
Да се разбереме, ништо не би била поразлична анализата на кадровскиот состав на македонската опозиција. Ама таму идеолошката матрица и следствените куку-леле политички наративи се далеку поедноставни: национализам и криминал/корупција во различни форми, содржини и ригидности. Па, сепак, денес СДСМ 95% од своето време го троши на „нивниот“ вмровски терен, а во сопствениот шеснаестерец, често на самата своја гол линија. Малата публика останата на трибините ни со вар-технологија не може да утврди кој води во натпреварот. Другите се заминати уште на полувремето.
4.
И, така, повторно сме во фаза на менување на Уставот. Целата политичка борба се води според регистарот на национализмот, со реториката на национализмот, предводена – и „уценета“ – од главните македонско-албански (бројни) националистички политички актери. Малиот број македонски Бугари уредно си излегоа „монета за поткусурување“ во домашниот македонски контекст, како што и не беше тешко да се предвиди. За тоа најмногу треба да ѝ заблагодарат на братска Бугарија која ни одржа лекција за шовинистички примитивизам.
Всушност, проблемот со нашиот евро-интегративен пат, виа Бугарија, е одлична илустрација за ова што овде се плеткам да го образложам. Имено, евро-интегративната рамка (технички наречена „Француски предлог“ за кој количеството изречени националистички глупости и од паметни и квалификувани луѓе во Македонија е енормно!) е единствената разумна методологија за спроведување реформи во државата што неа – државата – ќе ја направи доволно атрактивна за патриотизмот, а не национализмот, да биде примарниот политички агенс на лојалност и политичка мобилизација на мнозинството нејзини граѓани. Тоа, што би се рекло, ипсо факто не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ чијшто примарен политички мобилизатор е македонскиот национализам; но – и ова е важно НО – без практично прифаќање на евро-интегративната рамка (во која е предвидено и менувањето на Уставот) ВМРО-ДПМНЕ може уште 100 пати поединечно да победи на избори, ама не може да направи своја влада со релевантно албанско присуство во неа.
Имено, повеќето овдешни албански партии се, во суштина, националистички, но без евро-атлантска агенда на која било влада, тие во неа не можат „самоубиствено“ да партиципираат, дури и кога би го немало во таквата политичка аритметика растечкиот „крлеж“ на крајната македонска десница закачен за вратот на ВМРО-ДПМНЕ. Па, добога, не одете подалеку: дури и Алијансата на Албанците се надева на „истовар“ во сегашнава Влада, откако опозициското коалицирање со ДПМНЕ и Левица ги доведе до сопствен изборен „геноцид“!
Со други зборови, се работи за речиси идентична реприза на нашата мачна интегративна НАТО приказна, од која ВМРО-ДПМНЕ ништо не научи, па си е осудена „триумфално“ да си седи во опозиција и во наредниот, недогледен, период. Или, уште малку со други зборови, единствената надеж за догледно обновување на либералната агенда во Македонија е, всушност, продолженото останување на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ на власт во таа партија. Тоа дури и на ова политички, кадровски и идеолошки импотентно СДСМ му остава простор, откако ќе завршат со сите актуелни кризни, бизнис и кривично-правни менаџменти, можеби – сосема неизвесно е ова можеби – да се врати на реституција на либерално-демократската агенда во Македонија.
5.
За почеток на таа „либерално-демократска обнова“, на СДСМ би требало да му е од примарна важност под своја „контрола“ да ги врати ресорите кои го дефинираат политичкиот систем во државава со кои најлесно тргуваат во секое ново коалициско пазарење. Дури и независно од личните капацитети, компетенцијата или кредибилитетот на Артан Груби и ДУИ да го спроведуваат проектот „Едно општество за сите“ (како метафора, тековно прилично празна, за либералната агенда во Македонија), не може да биде во ниту еден замислив стратегиски либерално-демократски интерес на СДСМ тој зафат сосема да го препуштат на клиентелистичките партиски интереси на јуниор партнерот во сопствената Влада. И не само затоа што главната политичка иницијатива во областа на економијата и судството веќе му е препуштена на ДУИ, а за успехот на борбата против криминалот и корупцијата „банкрот-сметката“ да оди речиси исклучиво на контото на СДСМ. Во таквата владејачка формула нема политички ќар за СДСМ ни на кратки, а секако не на долги стази. За либералната опција во државава, пак, воопшто не.
Што нѐ води до завршното претенциозно прашање: Ги разбира ли сите овие околности раководството на СДСМ? Всушност, прашањето е погрешно формулирано: не дали ги разбира, туку дали ги интересираат овие околности, исправени пред импресивните дневни енергетски, економски, корупциски, социјални и безбедносни предизвици?
Станува збор за шумата, не за поединечните дрва, бидејќи балваните и понатаму секојдневно некако ги прерипуваме, ама излезот од шумата не успеваме да го најдеме.