Косовскиот премиер, Албин Курти отпатува претпладнево за Чешка, која е актуелен претседавач со Европската унија, за да го предаде барањето на Косово за зачленување во Унијата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што соопшти владината служба за информирање, Курти во Прага првин ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Јан Липавски, а потоа ќе биде примен од министерот за европски прашања на Чешка, Микулаш Бек, кому ќе го предаде косовското барање за добивање статус на кандидат за членство во ЕУ.
Церемонијата на предавање на барањето ќе се одржи во 13 часот во Владата ан Чешка, по што Курти и Бек ќе одржат заедничка прес-конференција.
Барањето за зачленување во ЕУ вчера во Приштина го потпишаа претседателката на Косово, Вјоса Османи, собранискиот спикер Глаук Коњуфца и премиерот Курти.
Во обраќањето по потпишувањето, Османи изјави дека, како мирољубива и демократска земја која ги почитува човековите права, Косово заслужува да стане дел од ЕУ