Владејачката партија СДСМ денеска ја одржува големата национална трибина во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, со што го заокружува караванот трибини „Силно и одлучно кон иднината“.
На трибината свое обраќање имаат генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ и лидерот на партијата и премиер Димитар Ковачевски.
Прв пред граѓаните, членовите, симпатизерите, активистите поддржувачите на СДСМ се обрати генералниот секретар Зечевиќ.
Ова се моите социјалдемократи, секогаш на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на македонската држава, истакна на почетокот Зечевиќ.
Тој нагласи дека „не смееме да си го дозволиме луксузот и да ја пропуштиме шансата што ја имаме. Македонецот не смее да ги дозволи грешките од минатото, други да решаваат за неговата иднина“.
СДСМ како државотворен политички субјект со поддршка на нашите меѓународни сојузници мора да ја стави Македонија на масата на новата геополитичка реалност, додаде генералниот секретар на СДСМ.
Според него, „нема да има компромис за иднината. Како булдожер ќе го прегазиме секој што ќе го попречи тој пат’.
Ова е време кога сите треба да бидеме на вистинската страна. И ќе успееме. За Македонија, просперитетна и европска, изјави Зечевиќ на крајот од своето обраќање.