Порталот Вечер.мк објави напис со наслов „(ФОТО) Каква непочит: Само Ковачевски и Зечевиќ не држат македонски знамиња“. Ако се земат фактите во предвид, објавата на овој портал е тенденциозна и лажна вест.
„На вчерашниот ракометен спектакл во „Борис Трајковски“ многумина сакаа да бидат видени на трибините. Меѓу нив беа и премиерот Димитар Ковачевски и неговиот најблизок соработник во СДСМ Миле Зечевиќ. Тие беа единствените што не држаа македонски знамиња како што тоа го правеше публиката околку нив додека се изведуваше македонската химна…“, се наведува во објавата од Вечер.мк.
Демантот на ваквата објава може да се погледне на следните фотографии објавени на официјалната фејсбук страница од премиерот Димитар Ковачевски:
Од она што може да се види на фотографиите, се гледа дека на конкретниот настан Ковачевски држи македонско знаме.
„Денес го славевме ракометот, но и ги поддржавме најранливите, децата и младите без родителска грижа, преку хуманитарна акција. Сите средства од овој ревијален натпревар беа наменети за СОС Детско село.
Честитки за организацијата, навистина незаборавно искуство“, вели премиерот Ковачевски во објавата.
Текстот со лажната вест не е потпишан.
Главна и одговорна уредничка, како што е наведено во Импресумот на Вечер.мк е Ивона Талевска.
Според написот од Википедија, Ивона Талевска е контроверзна македонска новинарка. Во својата новинарска кариера, таа работела како уредник на вестите на телевизија Сител и како главен уредник на дневниот весник Вечер.
Нејзината новинарска кариера е одбележана со бројни контроверзии, како што се аферата „Визарис“ во којашто влијаела претпријатие во сопственост на нејзината мајка да добие тендер од Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема во вкупен износ од 1 милион евра и аферата „Тифани“ во којашто за затајување данок во износ од околу 2,5 милиони денари била осудена на условна затворска казна од две години доколку во следните четири години не го повтори делото.
Ј. Ѓ.