Минатата година имавме сериозна агенда насочена кон инвестиции, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски за време на годишната конференција „Година за нови можности“.
„Дали се работи за патна или железничка инфраструктура, секој еден проект и секој еден вложен денар во инфраструктура значи раст и развој на државата. За бројките во најкризната година можам да истакнам дека не може да сме незадоволни. 465 милиони евра реализиравме капитални инвестиции. Претходно на вакви панели зборувавме за капитални инвестиции од 200 до 300 милиони евра. Ова се средства во проекти што граѓаните ги гледаат и кои придонесуваат за нашиот раст и развој“, истакна Бочварски.
Тој повтори дека во иста година се изградени два експресни патишта.
„Едниот е од Штип до Радовиш и е пуштен во употреба во јануари. Со кој се подобри безбедноста во сообраќајот во целиот регион, а другиот е Штип – Кочани кој го пуштивме во декември. Сето ова влијае на економскиот развој на целиот регион“, кажа Бочварски.
Тој додаде дека за годинава во капитални инвестиции се предвидени 800 милиони евра.
Бочварски вели дека оваа година се почнува со проект од 400 милиони евра за железничката инфраструктура од Коридор 8
Осумстотини милиони евра годинава се предвидени за капитални инвестиции, а преку 300 милиони се во ресорот транспорт и врски, рече министерот Благој Бочварски за време на годишната конференција „Година на нови можности“.
„Очекувам завршување на патот Кичево-Охрид. Оваа година исто така очекувам да го завршиме гасоводот од Скопје преку Тетово кон Гостивар, но и јавен повик за трета фаза железничко поврзување на Коридор 8 и поврзување на пруга со Бугарија, тука вредноста е преку 400 милиони евра и подготвени сме да влеземе во реализација на овој важен капитален проект“, рече Бочварски.
Тој додаде дека оваа година очекува да започнат со изградба многу значајни автопатски делници на Коридорот 8 и 10-Д и тоа, Тетово – Гостивар, од Гостивар преку Стража кон Кичево, автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан и долгогодишниот најавуван нов автопат од Прилеп кон Битола. Тој додаде дека ќе се подобрат условите за патување и ќе се зајакне регионалното поврзување со соседите.
Воедно, ќе заврши првата фаза од изградбата на патот Скопје-Блаце и подготвени сме за тендер за втората фаза, информира Бочварски.
Бочварски информира дека има повик за нови авиолинии, но и дека се градат социјални станови во Дебар, Бутел, Велес, Пехчево, Кочани.