Државниот врв на Република Северна Македонија, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев вчера беа на средби со со државниот секретар на САД, Мајкл Р. Помпео, кој беше во официјална посета на нашата земја.
Премиерот Заев и државниот секретар Помпео имаа тет-а-тет состанок, а потоа се одржа и билатерална средба на која учествуваа и членови на владата како Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Никола Димитров.
На средбата се разговараше за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот, соопштува прес службата на Владата.
Во изјавите за медиумите, премиерот Заев и државниот секретар Помпео се согласија дека Северна Македонија и САД делат заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет и имаат иста цел во борбата против тероризмот и другите закани за мирот.
Во попладневните часови, државниот секретар Мајкл Р. Помпео и неговата придружба ја посетија црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку амбасадорскиот фонд и од програмите на УСАИД во нашата земја.