Ултрадесничарскиот протест на Сретење (што се празнува 40-от ден по Божиќ) е симболичен почеток на уривањето на култот на Владимир Путин во Србија и јасен пресврт на српската надворешна политика кон Европската Унија и Западот, се наведува во анализата на истражувачко-издавачкиот центар Демостат.
Како што е најавено, култот на рускиот претседател Владимир Путин во Србија ќе го деконструира оној што грижливо го градел цела деценија, користејќи го и за подигнување на сопствениот имиџ, а тоа е српскиот претседател Александар Вучиќ.
Средствата што ќе ги употреби за уривање на митот за Владимир Путин се истите оние што ги користеше за да го создаде, а тоа се: провладините медиуми, особено националните телевизии и таблоиди, подобни аналитичари, како и десничарски организации и поединци ориентирани кон Путин, се додава во анализата на Демостат.
Според толкувањето на Демостат, „џинот од шишето“ симболично е пуштен во јавното мислење на Сретење и сега веќе нема враќање.
На крајот од патот се демонтирањето на митот за Путин, падот на поддршката на српските граѓани за руската агресија во Украина и свртувањето на јавното мислење кон ЕУ, што формално беше главна надворешнополитичка цел на Србија досега.
Значаен придонес за падот на поддршката за Русија и Путин веќе имаат изјавите на руските функционери, кои сè повеќе го демаскираа вистинскиот интерес на Русија за Балканот. Ова го потврдуваат и наодите на фокус групите на Демостат, се вели во анализата.