Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во денешното интервју за „Велт“ предупреди дека Кина не треба да ја поддржува Русија во нејзината војна против Украина и рече дека ако Пекинг тоа го направи – ќе доведе до светска војна.
Коментарите на Зеленски дојдоа откако Кина рече дека САД не се во позиција да поставуваат барања. Претходно, во текот на викендот, највисокиот американски дипломат го предупреди својот кинески колега да не испорачува оружје на Русија за потребите на нејзината војна против Украина.
– За нас е важно Кина да не ја поддржува Руската Федерација во оваа војна. Всушност, би сакал таа да е на наша страна, изјави Зеленски за германскиот весник „Велт“. – Меѓутоа, во моментов не мислам дека тоа е можно, рече украинскиот претседател.
– Сепак, гледам можност Кина да направи прагматична проценка на она што се случува овде, додава Зеленски. – Затоа што ако Кина влезе во сојуз со Русија, ќе има светска војна и мислам дека Кина го сфаќа тоа.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во саботата го предупреди највисокиот кинески дипломат Ванг Ји за последиците доколку Кина обезбеди материјална поддршка за руската инвазија на Украина и во интервјуто по нивниот состанок рече дека Вашингтон е загрижен дека Пекинг размислува за испорака на оружје за Москва.
Зеленски уште изјави дека Украина и дала на молдавската претседателка Маја Санду разузнавачки информации дека Русија планира државен удар во Молдавија.
– Маја Санду никогаш не ме праша за помош, но ми се заблагодари за информацијата. Таа е целосно свесна за нашата ситуација. Украина секогаш ќе биде подготвена да и помогне на Молдавија, додаде Зеленски за германското издание.
Кремљ денеска објави дека односите на Русија со Молдавија се многу затегнати и ги обвини молдавските лидери дека спроведуваат антируска агенда. Тоа се случи една недела откако Кишињев соопшти дека спречил руски обид за пуч.