Словенечката министерка за надворешни работи, Тања Фајон на 20 февруари на Советот за надворешни работи на ЕУ ја претстави иницијативата за меѓународен договор за соработка во истрагата за воените злосторства во Украина.
„Ова покажува дека Словенија води навистина јасна политика на истрага за одговорност, вклучително и кога станува збор за воените злосторства во Украина“, рече Фајон.
Според неа, на иницијативата веќе се пријавиле 77 земји.
Договорот ќе овозможи соработка во гонењето и истрагата за злосторства против човештвото, воени злосторства, други меѓународни злосторства и геноцид.
Во мај во Љубљана треба да се одржи дипломатска конференција на која ќе се дебатира за првиот голем меѓународен договор за воспоставување механизам за соработка меѓу телата за спроведување на законот на земјите од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ.
„Ги повикав министрите да присуствуваат на конференцијата со нивните тимови експерти за кривично право“, рече Фајон.
Словенија го подготви договорот во соработка со Белгија, Холандија и три земји кои не се членки на ЕУ.
А. Р.