Пишува: АНЕТА ТАСОВА
Еднаш еден човек залутал во некоја шума и ги сретнал трите џуџиња. Ги прашал кои се, а тие му одговориле дека се седумте џуџиња на Снежана, кои бараат начин, бараат лек како да ѝ помогнат на заспаната убавица да се разбуди. Човекот воопшто не се заинтересирал за проблемот, причините и за барањето лек, само се зачудил и ги запрашал ако се седумте џуџиња на Снежана, тогаш зошто се три?! А тие му вратиле: Па нема луѓе!
Така некако изгледа целата ситуација во Македонија, кога некој нешто или некого бара, сето тоа го нема затоа што нема луѓе, или го нема човекот за да се сети да направи нешто повеќе за луѓето во оваа земја, не затоа што е платен или неплатен за тоа, туку затоа што така треба, тоа е патриотизам, така се сака државата и народот.
По долгата и напорна голгота на пациентите на кои им беше потребен лекот Трикафта, изгледа како сите проблеми да се решени. Но, дали?! Се најде еден човек на крајот, пресече и рече, „тргнете тоа бирократијата и дајте им го на луѓето лекот“. Уште три-четворица такви и државата ќе цвета. Со целиот ризик за кариера, добивање или губење на политичка моќ, Димитар Ковачевски пресече и ќе биде запаметен по тоа дека пробал, поттурнал, можеби и не верувал, но успеал во тој момент да предизвика работата да се заврши. Е сега само треба да се скрати процедурата, особено она кога пациентите со денови протестираа и молеа сето да се заврши и да им се даде лекот. Зарем за сè треба да така да биде?! За сè ли треба да се протестира?! Па има луѓе платени за таа работа, кои можеле сето ова и претходно да го средат.
Во аптеките нема многу лекови, и можеби не се клучни за сите, но за некои значат живот. Достинекс, декортин… нема ни замена.
Специјалистите, матичните лекари, препишуваат лекови кои кога ќе се побараат во аптека ги нема. Аптекарите/ките ги собираат рамената и само одговараат „Дефицитарен е тој, повеќе од еден месец, никаде нема да го најдете. Кој ви го препиша?!“. Можеби ова најмногу се однесува на лековите за хронична терапија и, иако не се работи за голем број пациенти, на оние на коишто им треба, им треба веднаш и постојано, па се креира некој јавен впечаток дека никому не му е гајле. И како навистина да не му е. Само на 70 километри, преку која било граница на нашите соседи, Србија, Грција, Бугарија… има сè, но не и во нашата земја, во нашите аптеки. Влегуваш во нивните аптеки, мали, просто кажано, нема каде да се свртиш, ама што и да побараш има, или има замена. Влегуваш во нашите, големи, преполни, бараш лек – нема. И за сè се обвинува, државата, Владата… ФЗО, Малмед… дежурни виновници има постојано, ќе си ги обвиниме и толку. Сме завршиле работа. Готово, демек решивме нешто и најдовме резултат, ја погодивме целта, во право сме, среќни и задоволни, за жал, само кога претпоставуваме дека нема да биде и некој друг е виновен за тоа. Не зависело од нас.
Во меѓувреме на социјалните мрежи постојано се појавуваат групи, за хуманитарни акции, за донирање лекови, и прашање на време е кога некој нестручен ќе згреши, ненамерно, или кога некој ќе злоупотреби, намерно. За секој оној кому нешто му останало да го подари или да му го продаде на некој друг кому сето тоа му е потребно, се бара помош и преку форуми, Фејсбук, а лекови од странство се бараат и преку групите на Македонците во странство. Не дека се работи за живот, но понекогаш и навистина се работи за живот, а лекот е толку блиску, но многу, многу, многу далеку. Во потрага за лек луѓето би тропнале на секоја врата, дури и на таа на непријателот, или непознатиот за да си го спасат својот живот или животот на своите блиски. И сето тоа го гледаме и не се чудиме, како да е нормално, а не е.
Во Македонија има најмалку три големи ланци на аптеки, има и уште неколу други фирми кои се занимаваат со тоа, ВЕЛЕДРОГЕРИИ, голем збор, па зошто не се најде некој да си земе за одговорност и да почне да му биде гајле кога некој лек ќе го снема, како да го има постојано, како да се направи систем, и како најважните лекови, за кои преку граница ни се смеат кога ги бараме, да ги има и тука. Како еднаш во месецот не се прави список на сето тоа што е непоходно, како по толку години работа со лекови не се чувствувате одговорни, да вртите и ѕвоните по тие телефоните и да досадувате и побарувате, па ако треба и да се скарате со тие што треба и да донесете лек. Само за фотелјите ли сте директори?! Па, кога одите на тие семинарите, состаноците со колегите од странство, што им велите, со какви проблеми ние се соочуваме овде?! Им кажувате ли дека не сте знаеле како, или како на време да порачате лек и дека знаете кој е виновен?!
Влегувам во аптека, во која било аптека, „џиџимиџарница“, сè реновирано, наместено, свети… тоа шампоните, кафињата три во едно, чаеви, кремите за раце во прв план, витамини, бонбони, четки за заби… Друштво, тоа го има и во маркет, Вие сте за лекови, каде ви се лековите што ги нема, а ни требаат?! Ги барате ли?! Или само ќе си правиме лице дека никој не виновен, тоа е, ќе се вртиме во круг? Ќе ви останат шампоните непродадени, оти на овој народ веќе му е преку глава сам да оди од врата на врата и сам да го бара тоа што му следува, или му е потребно, а го нема, затоа што Вие мислите дека прво луѓето треба да протестираат, да молат пред Министерстово за здравство, па некој да рече „Дај доста бирократија, донесете како знаете и умеете лек!?“ Па потоа да почнат медумите да притискаат, па да се направи притисок врз не знам ти кој, и на крај И на вас да ви го донесат лекот и вие само да си го продадете и да си земете пари.
На 5 прсти може да се избројат аптеките каде што ако им побараш некој лек, ќе ти го најдат и ќе ти го донесат од каде и да е во светот. Да Ве потсетам, и за нив има војна во Украина и имаше пандемија и криза. За жал тоа се поединци кои само со добра волја им излегуваат во пресрет на своите потрошувачи, но пред сè, на своите сограѓани, и тоа го прават само затоа што ги разбираат и сакаат и затоа што го сакаат тоа што го работат. Тоа е нивни домен. За жал тоа се поединци, не се тоа големи аптеки, да ризикуваат, да притискаат да се промени некој закон ако е до тоа, и да помагаат во шумата со три џуџиња барем да останат живи и здрави тие три. Верувам, во право сте, не е така едноставно, тешко е, ние не знаеме како оди процедурата со лековите, не е тоа бајка, но вие знаете. Па затоа запнете каде што треба, оти ако нема лекови, со тек на време ќе ги снема и трите џуџиња, и потоа ќе нема на кого да му ги продадете и шампоните. Да се разбудиме и да ја спасиме „Снежана“ додека е време.
Извор: БРИФ.МК