Вучиќ и Курти заедно со посредникот Борел по сите досегашни средби во бриселските кабинети и на маргините на разни меѓународни конференции за првпат ќе се сретнат во регионот. Домаќин на средбата на 18 март е Охрид.
Локацијата е избрана по одлуката на ЕУ разговорите меѓу Белград и Приштина во оваа критична фаза да се одржат на Балканот. Како што дознаваме од дипломатски извори Охрид е избран како град домаќин со цел ЕУ да го демонстрира својот став кон Охридскиот договор како успешен модел за решавање на спорови кој би требало да биде и инспирација за српското и косовско раководство.
Одлуката Охрид да биде местото за новата рунда разговори меѓу Белград и Приштина е донесена и поради ставот на српскиот претседател дека Македонија за него е единствена прифатлива во регионот како држава домаќин на разговорите кои добиваат на интензитет во насока на изнаоѓање решение за косовскиот проблем.
Како што информираат дипломатските извори на НОВА, високиот претставник на ЕУ, Јозеф Борел сметал дека во оваа прилика треба да и се одаде признание на Македонија како стабилен стратешки партнер на ЕУ, како и на нејзините успеси со Преспанскиот и Охридскиот договор кој ЕУ ги валоризира како пример во регионот за мирно решавање на спорови.
Борел престојот во Македонија , според истите извори, ќе го искористи да се обиде уште еднаш да даде поттик на процесот на уставните промени кои на државата треба да и обезбедат квалификација за оперативната фаза на преговарачкиот процес по завршувањето на скринингот кон крајот на годинава,
Јозеф Борел за време на престојот во Македонија ќе ја официјализира и одлуката на ЕУ за доделување на 9 милини евра помош за македонската армија. Идејата е да им се помогне на македонските вооружени сили во набавката на „клучна опрема“ за зајакнување на нивните оперативни способности, во логистика, медицинска поддршка, комуникациски и информациски системи, како и во областа на разузнавањето и ризиците од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.