Германскиот канцелар Олаф Шолц нагласи дека повлекувањето на руските трупи од украинска територија треба да стане основа за какви било потенцијални преговори со Русија.
Ова го изјави германскиот канцелар во интервју за Си-Ен-Ен, пренесува Укринформ, повикувајќи се на Политико.
„Според мене, неопходно е Путин да разбере дека нема да успее со својата инвазија и неговата империјалистичка агресија и дека мора да ги повлече трупите. Ова е основа за разговори“, рече Шолц.
Тој истакна дека едногодишната руско-украинска војна е веќе во ќор-сокак што нанесува огромна штета на Украина. Во исто време, тој рече дека нема да го притисне Кијив да оди на компромиси кои се неприфатливи за Украинците.
„Нема да има одлуки без Украинците“, рече Шолц, велејќи дека Путин очигледно погрешно ја процени „силата на Украина“, како и „единството“ на „сите пријатели на Украина“ во оспорувањето на руската инвазија, која започна во февруари 2022 година.
„Многу е тешко да се процени кои ќе бидат следните работи што ќе се случат во Украина, но има нешто што е апсолутно јасно: ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина со финансиска, хуманитарна помош, но и со оружје“, додаде Шолц.
Германскиот канцелар се осврна и на американскиот претседател Џо Бајден и неговото раководство за време на актуелната меѓународна криза.
„Тој е многу информиран за меѓународните односи“, рече Шолц. „Мислам дека тој е еден од највештите претседатели кој знае како се одвиваат работите во светот, што е важно во моменти кои стануваат сѐ поопасни“, рече Шолц.
Како што претходно објави Укринформ, германскиот канцелар Олаф Шолц во обраќањето пред Бундестагот рече дека Германија ќе и помогне на Украина да постигне праведен мир.
Подготви: А. Р.