Украина денес се наоѓа во 380-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Политика
Властите во Полска и Словачка ги повикуваат своите сојузници да обезбедат борбени авиони за Украина и велат дека се подготвени да ги испратат своите советски суперсонични борбени авиони МиГ-29 во Киев како дел од меѓународната коалиција.
Претседателот Володимир Зеленски му се заблагодари на Претставничкиот дом на Парламентот на Белгија за признавањето на Холодомор од 1932-1933 година како геноцид врз украинскиот народ.
Членовите на Европската унија и уште 10 делегации ја повикаа Русија да ја повлече својата војска, опрема, сили и вработените во нуклеарната централа Запорожје и да и ја врати целосната контрола на објектот на Украина.
Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи поранешниот потпретседател за политика и партнерства на ЕБОР, Пјер Хејлброн за специјален пратеник на Франција за помош и обнова на Украина.
Министерката за внатрешни работи на Молдавија, Ана Ревенко денеска во Брисел изјави дека земјата „е единствената што стои на патот на намерата на Русија да ја уништи европската стабилност“.
Анализа на Даниел Грос / Project Syndicate: Колкава треба да биде помошта на Западот за Украина, за да се направи цената на војната неподнослива за Русија
На фронтот
Четири лица загинаа, а три лица, меѓу кои и едно дете, беа повредени во руско гранатирање на регионот Херсон во изминатото деноноќие.
Во Доњецката област градот Костјантинивка повторно се најде под непријателски оган, при што се повредени шест цивили, а оштетени се голем број станбени згради и гасовод.
Подготви: А. Ристески