Со новата методологија, цената за услугата за отстранување на отпад ќе се плаќа врз основа на произведено количество ѓубре. За да се мотивираат граѓаните помалку да плаќаат, ќе треба да се селектира отпадот, бидејќи само она што ќе се депонира на депонијата ќе биде финално што ќе се наплаќа, се друго ќе може да се преработува, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова во „Топ тема“ на Телма.
Таа додаде дека досега услугата за отпад се плаќа врз основа на површината на живеалиштето, што е несоодветно бидејќи може во 100 метри квадратни да живеат еден или двајца, кои продуцираат мало количество на отпад, а во 50 метри квадратни да живеат четири члена кои продуцираат многу повеќе отпад.
Цената ќе ја утврдува Регулаторна комисија, на предлог на општините, како што се утврдува цената на водата, истакна Шукова.
Министерката потврди дека со заем од ЕБОР ќе се градат централни депонии за пет плански региони – Полог, Југозпад, Пелагонија, Југоисток и Вардарски регион, додека за Североисточниот и Источниот регион допрва се прават проектите, поради несогласување на дел од општините.