Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска изјави дека Финска најверојатно ќе влезе во НАТО пред неговата земја, поради противењето на Турција.
За време на прес-конференцијата во Стокхолм, Кристерсон рече дека од самитот на НАТО во Мадрид во јуни е јасно дека патот на Финска до членство е полесен од оној на Шведска и дека сега е се поизвесно дека Финска прва ќе влезе во НАТО.
Турција ги обвинува двете земји, особено Шведска, дека се „премногу меки“ кон дисидентските групи кои Анкара ги смета за терористички.
Минатиот месец турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека Анкара „има помалку проблеми со приклучувањето на Финска“.
Откако ја објавија својата намера да се приклучат на тој воен сојуз во мај минатата година поради инвазијата на Украина, Финска и Шведска нагласија дека ќе станат членки на НАТО „рака под рака“ во исто време.
Сега, сепак, Кристерсон признава дека „не е исклучено одлуките за прием на Шведска и Финска да бидат ратификувани во различни фази“. Тој додаде дека конечната одлука е во рацете на Турција и дека Шведска е подготвена да прифати прва да влезе Финска.
„Во суштина, не се работи за тоа дали Шведска ќе стане членка на НАТО, туку за тоа кога“, рече шведскиот премиер.
Сите 30 земји-членки на НАТО мора да одобрат ново членство.