Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, пристигнаа во Охрид во пресрет на утрешниот дијалог меѓу Србија и Косово, се вели во владиното соопштение.
Премиерот Ковачевски е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, под покровителство на Европската Унија.
Република Северна Македонија е избрана за домаќин на овој важен состанок бидејќи е пример за земја која што сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог и во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните.
Потпишаните договори – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за трајната заложба преку отворен дијалог да го трасираме патот на сегашниот и идниот развој на земјата.
Преку овие јасни чекори кои обезбедија пред сѐ безбедност и континуиран развој, Северна Македонија од заробена и изолирана држава денес, пет кратки години подоцна, е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи и почитуван партнер на меѓународната заедница.
Државите од Западниот Балкан припаѓаат во Европската Унија и до решенија на сите преостанати отворени прашања ќе се дојде само преку дијалог.
Република Македонија и натаму ќе продолжи да дава активен придонес во оваа насока, информираат од Владата.