Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Охрид ги пречека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, кои го започнаа состанокот на високо ниво од дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија.
Ковачевски во објави на својот фејсбук-профил им посака добредојде на двајцата високи функционери.
На косовскиот премиер Албин Курти, му посакувам успешен ден и продуктивни и успешни разговори и воедно му честитам за изразената заложба да се преземат конкретни чекори важни за европската иднина на целиот регион. Добрососедски односи, договор наместо конфликт и развој наместо уназадување се постулати кои треба да нѐ водат нас, политичарите на 21 век, кои сакаме да ги предводиме нашите земји, а со тоа и Западниот Балкан кон подобра, европска иднина, напиша премиерот Ковачевски.
Тој утрово на билатералната средба со српскиот претседател, исто така, му поската успешни разговори, кои се „важни за регионалната стабилност, одржување на мирот и патот кој води кон просперитетна иднина, не само за Србија и Косово, туку за целиот регион“.
Во услови на геополитички превирања на европскиот континент, обезбедување стабилна иднина и членство во Европската Унија е наша одговорност и придобивка за државите и граѓаните, објави Ковачевски на Фејсбук.
Состанокот, којшто го свика високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за Србија и Косово Мирослав Лајчак започна со одделни билатерални средби со лидерите на Србија и Косово, по што е предвидена и заедничка трилатерална средба.
Г. Т.