Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да почне судењето против заканувачот Емил Јакимовски. Тој се товари за продолжено кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 2 (при вршење семејно насилство) и за едно кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 4 (по пат на информатички систем), пренесе 360 степени.
„Од резултатите на вештачењето спроведено по наредба на јавниот обвинител во текот на истражната постапка произлезе дека обвинетиот ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки“, соопштија од Скопското обвинителство..
Првото дело за кое се товари, според обвинителството, Јакимовски го сторил со умисла преку повеќе временски поврзани дејствија. Тој вршел семејно насилство врз поранешната сопруга и ја загрозил сигурноста со сериозна закана врз нејзиниот живот и врз животот на нејзиниот татко.
Второто дело Јакимовски го сторил на 10 јануари, кога преку преку пораки и мобилни апликации ѝ се заканувал на оштетената дека ќе изврши кривично дело убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.
Исто така, обвинителството ги истражуваше и наводните закани на Јакимовски кон друга оштетена, но притоа се утврди дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка.
Јакимовски од 18 јануари се наоѓа во притвор.