Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Ољта Џачка, министерка за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено задоволство од континуираниот политички дијалог и севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи.
Беа разменети мислења и информации за текот на билатералниот скрининг на двете држави со Европската Унија.
На средбата беше посочено дека како сојузници во НАТО, двете држави се подготвени за збогатување на меѓусебната соработка, со цел на уште поактивен придонес за безбедноста во регионот и пошироко.
Претседателот Пендаровски и министерката Џачка разговараа и за состојбите во регионот, со фокус на дијалогот Белград-Приштина по последната рунда разговори во Охрид, како и за случувањата во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.