Во Берово започна реконструкцијата на четвртата ламела, на Домот за стари лица „Д-р Иван Влашки”. Реконструкцијата, како што истакнаа од Општина Берово е дел од активностите на општината во областа на Социјална заштита и грижата за старите лица.
– Со реализација на овој проект се надеваме дека конечно, ќе одговориме на барањата на корисниците, кој се во голем број и ќе сместиме нови корисници, кои ќе добијат соодветна нега и грижа во нашата установа, истакнаа од Општина Берово.
Оваа установа, како што додадоа, е единствената од ваков тип на крајниот исток, при што интересот за користење на услугите на истата секојдневно расте.
– По завршувањето со градежните работи од првата фаза, ќе се пристапи кон втора фаза, за што општина Берово веќе има одобрен концепт, во рамки на Регионалните форуми во заедницата, кои ги спроведува Центарот за развој на источно плански регион, со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка SDC, додадоа од Општина Берово.
Со реконструкцијата на четвртата ламела ќе се прилагоди простор за сместување на нови 28 корисници, со што Домот за стари лица, ќе добие капацитет од вкупно 67 корисници.