Руски ловец-бомбардер вчера случајно го гранатирал рускиот град Белгород во близина на Украинската граница, при што биле повредени две жени, објави руската државна агенција ТАС, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана, пренесува Ројтерс.
Претходно беше пријавена голема експлозија во градот, кој се наоѓа на 40 километри северно од границата со Украина.
„Додека авион на воздухопловните сили Сухој Су-34 летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на авијациска муниција“, соопштија од Министерството за одбрана.
Министерството соопшти дека во несреќата се повредени две жени. Зградите, исто така, наводно биле оштетени и веќе е започната истрага.
Гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков на Телеграм изјави дека на главната улица во градот има кратер од 20 метри и дека се оштетени четири автомобили и четири станбени згради, пренесе Ројтерс.
Подготви: Ј. Ѓ.