По повод Меѓународниот ден на џезот – 30 април, денеска со почеток од 13 часот, во паркот “Ибни Пајко” ќе се одржи седмото издание на големиот целодневен џез хепенинг под наслов Today It’s All About Jazz, организиран од страна на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје.
Како што најавуваат од ЗЏМ Скопје, програмата ќе започне со џез за деца и млади, па потоа ќе следува Квартет – Акварела, Никола Бочваров – Квартет, Филип Динев Трио – Филиp Динев/Тилман Обербек/Јан Цајмец, ЗЏМ Биг Бенд – Прект Запа, Јуре Пукл Орган трио – Јуре Пукл/Марко Чрнчец/Крис Смит и Адедџи “Јорува Одисеја”.
Меѓународниот ден на џезот е прогласен во 2011 година од страна на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации со цел „да се истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обединува луѓето во сите краишта на светот“.
Овој ден се слави секоја година на 30 април, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок. Со Денот на џезот претседаваат Хенкок и генералниот директор на УНЕСКО. Прославата е забележана во календарите и на УНЕСКО, и на Обединетите нации.
Здружението на џез музичари, ЗЏМ Скопје, по седми пат го организира централниот настан кој го одбележува Меѓународниот ден на џезот во земјава, за што има и официјална потврда и благодарница од самиот Херби Хенког.