Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Прага апелираше да продолжи секојдневната материјална помош за Украина, на која, како што рече, членките на ЕУ досега и помогнале со вкупно 68 милијарди евра.
По разговорот со чешкиот претседател Петр Павел, Фон дер Лајен изјави дека Европската комисија утре ќе предложи закон за производство на муниција.
Претседателот Павел се врати од Украина и ми рече дека она што е најпотребно сега е муниција, изјави претседателката на Европската комисија.
Glad to meet with @prezidentpavel in Prague.
I thanked him for Czechia’s staunch support to Ukraine.
We need to urgently step up production, procurement, delivery of ammunition.
This is why the @EU_Commission will present the Act in Support of Ammunition Production tomorrow. pic.twitter.com/irJzLKIIog
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) May 2, 2023
Фон дер Лајен додаде дека предлогот за нова регулатива содржи и финансиска клаузула во износ од една милијарда евра.
Испораката на муниција е од клучно значење за одбраната на Украина и евентуална контраофанзива и враќање на териториите. Разговаравме и за членството на Украина во ЕУ. Знаеме дека нема да биде лесно, но подготвени сме да и помогнеме да ги надмине проблемите. Затоа што во наш интерес е да ја прошириме зоната на стабилност и безбедност што ја претставува ЕУ, рече чешкиот претседател.
За време на кусата посета на претседателката на Европската комисија на Прага, според чешкиот претседател, се разговарало и за односите со Кина.
– Јасно е дека станува збор за ривалство. Кина и демократските земји не делат исти вредности. Кина има други стратешки цели и треба да гледаме на нашите односи и од тој агол, рече Павел.
Фон дер Лајен се сретна и со чешкиот премиер Петер Фијал, каде покрај помошта за Украина, главна тема беше енергетската безбедност.
Г. Т.